Според најавите, многубројни обожаватели и поддржувачи на Тоше од земјава и од странство ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење, а ќе го посетат и Спомен-домот „Тодор Проески“ каде што се наоѓаат неговите лични работи кои вечно го будат споменот за него
Тоше Проески има само ден на раѓање, велат неговите обожаватели, потсетува МИА во најавата за денешниот настан на Гумење во Кушево, на кој со програма насловена „Ангел си ти“ ќе биде одбележан 44-тиот роденден на македонската и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески, која трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска.

Според најавите, многубројни обожаватели и поддржувачи на Тоше од земјава и од странство ќе го посетат неговото вечно почивалиште на Гумење, а ќе го посетат и Спомен-домот „Тодор Проески“ каде што се наоѓаат неговите лични работи кои вечно го будат споменот за него.
Од 9 до 16 часот во Спомен-домот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција, а во 11:15 часот, во времето кога Тоше се родил, многубројни делегации и фанови ќе положат цвеќе на неговото вечно почивалиште на Гумење.
Во Крушево ќе присуствува и министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој откако ќе положи цвеќе на вечното почивалиште на Тоше ќе го посети и Спомен-домот.
Напладне во Спомен-домот на Тоше, младите пејачи Нела Манческа, Дорис Димовска и бендот „Лок даун“ ќе изведат негови песни, а ќе настапат и вокалната формација „Оренда“ и вокалниот состав „Графити“ од Домот на културата „Напредок-1869“ од Горна Орјаховица, Бугарија, под раководство на Аделина Колева.
Инаку, кон средината на декември лани министрите за култура и за дигитална трансформација, Зоран Љутков и Стефан Андоновски, најавија нов проект посветен на животот и делото на македонската музичка легенда Тоше Проески. Ќе се снимаат игран филм, документарец и телевизиска серија во неколку продолженија кои ќе го проследат неговиот живот и мисија.
Како што беше објавено, носител на проектот ќе биде Македонската радио-телевизија (МРТ), а како копродуценти ќе бидат вклучени неколку национални телевизии од Балканот. Средствата за проектот, во износ од околу 95 милиони денари, ќе бидат обезбедени од буџетот на земјава, преку Министерството за дигитална трансформација.