Информирајќи за средбата со помошник-државниот секретар на САД за Западен Балкан, Мицкоски вели дека на неа тие се осврнале на стратешките прашања кои се од суштинско значење за Македонија, неопходната поддршка од нашиот долгогодишен стратешки партнер САД, како и на актуелните предизвици со кои се соочуваат нашата држава и регионот
Европската перспектива на Македонија и нејзината активно изразена улога во рамките на НАТО претставуваат клучни приоритети во нашата стратешка визија за иднината.

Ова, меѓу другото, во објава на социјалните мрежи го напиша премиерот Христијан Мицкоски, информирајќи за средбата со помошник-државниот секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф.
Мицкоски, кој вчера во Вашингтон присуствуваше на дел од инаугуративните активности на новиот претседател на САД, Доналд Трамп, во објавата вели дека денеска се сретнал со Касаноф, со кого разговарале за стратешките прашања кои се од суштинско значење за земјава.
„Во рамки на разговорите се осврнавме на стратешките прашања од суштинско значење за Македонија, неопходната поддршка од нашиот долгогодишен стратешки партнер САД, како и на актуелните предизвици со кои се соочува нашата држава и регионот“,
вели премиерот.
Од фотографиите што ги објави премиерот од средбата со Касаноф, во нивно друштво може да се забележат и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Премиерот вчера остварил средба и со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли, со кого го проследиле поздравниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп.
Претходно денеска од Владата соопштија дека премиерот Мицкоски денеска ја продолжил својата посета на Вашингтон, каде што остварил многубројни средби на кои лобирал за македонските интереси.
Премиерот Мицкоски на свеченоста „Гласови на слободата“ организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“, која се одржала по инаугурацијата, остварил средба со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на претседателот Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.
Мицкоски остварил разговор и со Ендру Пејкоф, канадски бизнисмен со македонско потекло, основач и претседател на „Нијагара ботлинг“.
„Инвестициите на ‘Нијагара ботлинг’ во Македонија се добредојдени. Македонската дијаспора е клучен елемент во системот, нашиот глас и аргументи да бидат појасни и посилни во Светот. Обновуваме но и создаваме нови можности и партнерства со секој што може да помогне државата”,
истакнал Мицкоски на средбата.
Мицкоски се сретнал и со Џеси Спиро, главен директор во „Тетер“ и одговорен за стратегиски односи со владите во светот. „Тетер“ е најголемата компанија во светот која менаџира дигитален капитал, криптовалути. Профитот на компанијата во 2023 година е 6,2 милијарди американски долари, а само во првата половина од 2024 година профитот на компанијата е 5,2 милијарди американски долари, напиша премиерот на Фејсбук.
„Разговаравме за криптопазарот, иднината на криптовалутите и блокчејн-технологијата. Секоја инвестиција на ‘Тетер’ и споделено искуство од најголемите во својата област е добредојдено. Мора да чекориме со големи чекори напред. Предизвиците на иднината не смееме да ги игнорираме”,
додаде Мицкоски.