„Официјалната политика на Соединетите Држави ќе биде дека војната мора да заврши и ние ќе направиме сè што е можно за да го постигнеме тоа“, изјави денеска тој, пред положувањето заклетва на функцијата
Новиот американски државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека ставањето крај на руската војна во Украина ќе биде официјална политика на САД за време на претседателот Доналд Трамп, како дел од целта на новата администрација да промовира мир, пренесува Ројтерс.

Поранешниот сенатор, познат по својот цврст став кон Кина и поддршката за Израел, беше првиот од номинираните за позициите во кабинетот на Трамп што положи заклетва, откако вчеравечер Сенатот едногласно ја потврди неговата номинација.
Инаку, за време на сослушувањето минатата недела, новиот министер за надворешни работи на САД рече дека и Москва и Киев ќе мора да направат отстапки за да ја прекинат војната и сугерираше дека Украина ќе мора да се откаже од својата цел да ја врати целата територија што Русија ја зазеде во последната деценија.
Дел од овие коментари Рубио ги повтори и денеска за телевизијата Ен-би-си, пред церемонијата на положување заклетва.
„Официјалната политика на Соединетите Држави ќе биде дека војната мора да заврши и ние ќе направиме сè што е можно за да го постигнеме тоа“,
рече тој.
За време на предизборната кампања, новиот претседател на САД, Доналд Трамп, рече дека брзо ќе ја заврши војната, без да каже како ќе го направи тоа.
Во врска со ова прашање, Рубио вели дека ќе биде „комплицирано… бидејќи секоја страна ќе треба да даде нешто“.
„Единствениот начин на кој ваквите видови конфликти се завршуваат е… не во јавни изјави. Тие завршуваат со цврстата, енергична дипломатија што САД се обидуваат да ја спроведат, со надеж дека ќе го завршат овој конфликт на одржлив начин што ќе ја гарантира безбедноста на Украина и нашите партнери во регионот, но што ќе ги запре убиствата, смртта и уништувањето што ги гледаме долго време“,
рече Рубио.
Педесет и тригодишниот Рубио долги години беше член на Комитетот за надворешни односи и разузнавање на Сенатот. Синот на имигранти од Куба, исто така, се залагаше за строги мерки против островската држава и нејзините сојузници, особено владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Говорејќи во Белата куќа, откако положи заклетва, Рубио вети дека ќе ја спроведе надворешната политика на Трамп за „унапредување на националниот интерес“ на земјата.
Тој додаде дека друга надворешнополитичка цел на Трамп ќе биде промовирањето на мирот „без напуштање на нашите вредности“.
