По полагањето заклетва, Трамп ќе ѝ се обрати на нацијата, а потоа ќе маршира низ градот до Белата куќа. На инаугурацијата се очекуваат околу 200 000 негови поддржувачи
Доналд Трамп положи заклетва како 47. претседател на САД, отворајќи уште еден турбулентен четиригодишен мандат со ветувања дека ќе ги помести границите на извршната власт, ќе депортира милиони имигранти, ќе обезбеди одмазда против неговите политички непријатели и ќе ја промени улогата на САД во светската сцена.

Свечената инаугурација, која вообичаено се одржува надвор од Капитол, првпат по 40 години беше преместена внатре поради големиот студ. Се очекува температурите да се спуштат до -11 Целзиусови степени.
„Свечено се колнам (или потврдувам) дека верно ќе ја извршувам функцијата претседател на Соединетите Држави и ќе го зачувам, заштитувам и бранам Уставот на Соединетите Држави најдобро што можам, ќе го зачувам, штитам и бранам Уставот на САД“,
рече Трамп во Заклетвата.
По полагањето заклетва, Трамп ќе ѝ се обрати на нацијата, а потоа ќе маршира низ градот до Белата куќа. На инаугурацијата се очекуваат околу 200 000 негови поддржувачи.
Стотици луѓе се собраа во Ротонда на зградата на американскиот Капитол чекајќи Доналд Трамп да положи заклетва како 47. претседател на САД. Церемонијата директно ја пренесуваат големите американски телевизиски мрежи.
Самиот Трамп и идниот потпретседател Џеј-Ди Венс, кој исто така положи заклетва, пристигнаа во Конгресот, како и членови на нивните семејства.

Поранешниот претседател Бил Клинтон и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон прошетаа низ ходниците на Капитол за инаугурацијата на Трамп, а потоа и поранешниот претседател Џорџ Буш и поранешната прва дама Лора Буш. Барак Обама е последниот што пристигна од поранешните претседатели. Тој не беше придружуван од сопругата Мишел Обама.
Во кружната сала под куполата на Капитол влегоа неколку од идните членови на кабинетот на Трамп, вклучувајќи го и Тулси Габард, избран за директор на националното разузнавање, Роберт Ф. Кенеди Џуниор, избран да раководи со Здравствените и хумани услуги, и Пит Хегсет, избран да раководи со Пентагон.
Телевизиските камери го фатија и извршниот директор на Амазон, Џеф Безос, основачот на Мета, Марк Закерберг, извршниот директор на Гугл, Сундар Пичаи, и сојузникот на Трамп, Илон Маск, најбогатиот човек на светот. Тројцата беа на говорницата на која Трамп ќе положи заклетва и ќе го одржи своето инаугуративно обраќање.