И во однос на двата сета снимки, оние од 24 и 27 ноември, во возилото, како што посочи обвинителката, се наоѓаат три лица – на возачкото и на совозачкото седиште и еден на задните седишта
Видеозаписи од надзорни камери беа презентирани на денешното рочиште од судскиот процес за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Снимките ги презентираше обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, а присутните во судницата можеа да ги следат на двата големи телевизиски екрани.
Беа презентирани повеќе сетови снимки. Во првиот, кој содржи четири снимки, како што образложи обвинителката, се гледа како обвинетиот Влатко Кешишов полни гориво во големо пластично шише на бензинската пумпа на „Макпетрол” кај Транспортниот центар (Железничката станица), во чија близина е седиштето на партијата Десна. Датумот е 27 ноември 2023 година – критичниот ден кога е грабната и убиена Вања.
На снимките кои се од истиот датум, но од различни агли, се покажува времето кое, како што наведе обвинителката, е околу 5:30 часот наутро.

На една од снимките се гледа како лице плаќа за горивото на наплатниот пункт на бензинската пумпа. Како што забележа судијата, Кешишов е облечен во црна јакна и на главата носи црна капа. На презентирањето на овие снимки приговор вложи првообвинетиот Палевски кој го праша судијата како констатира дека станува збор за Влатко Кешишов. Во продолжение се презентираа снимки од движењето на возилото „рено кангу”, во кое, според обвинението, дента кога е грабната и убиена Вања бил првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо.
Презентираните снимки се од критичниот ден наутро, околу 5:30 часот, а траекторијата на движење на возилото е од Центар кон Аеродром. Обвинителката го наведе точното време на кое е забележано возилото на седумте презентирани снимки.
„Во 5 часот 37 минути и 32 секунди се гледа како возилото ‘рено кангу’ поминува на раскрсницата од булевар ‘Јане Сандански’ со ул. ‘Васко Карангелевски’ и продолжува во насока на хотел ‘Русија’. Во 5:39 часот возилото е лоцирано на раскрсница меѓу булевар АСНОМ и бул. ‘Србија'”,
објаснуваше обвинителката.
Беа презентирани и неколку видеоснимки од движење на возило „мерцедес”, сопственост на Велибор Манев.
Снимките се од 20 ноември 2023 година, а на една од нив се гледа дека во него има две лица. На следните 11 снимки обвинителството го прикажа движењето на „ситроенот“, одземен од Панче Жежовски. На овие снимки е прикажана рутата на движењето на „ситроенот” на 24 ноември 2023 година, кога обвинетите првично имале намера да ја грабнат Вања, но се премислиле поради големиот сообраќаен метеж.
Рутата одела од улицата 102 во Маџари, па оди преку Трингла во Маџари и се упатува преку булеварот кај ТЦ „Мавровка“ и Кривичниот суд, а потоа преку мостот „Гоце Делчев“ излегува на булеварот „Илинден“, каде што е во 6:40 часот. Оттаму се упатува на улицата „Наум Наумовски Борче“ каде што се наоѓа зградата каде што живеела Вања. Истата рута била користена и критичниот ден на 27 ноември, кога Вања е грабната.
И на овие снимки е уловено движењето на „ситроенот“.
Единствената разлика е што на критичниот ден, односно на 27 ноември, возилото тргнало од населбата Бутел, наместо од Маџари. Во Бутел било преместено два дена претходно, на 25 ноември.
И во однос на двата сета снимки, оние од 24 и 27 ноември, во возилото, како што посочи обвинителката, се наоѓаат три лица – на возачкото и на совозачкото седиште и еден на задните седишта.
„Во 6:33 часот се гледа возилото како се вклучува од мостот ‘Гоце Делчев’. Снимката 8 се однесува на крстосницата кај Владата. Се гледа возилото ‘ситроен’ како застанува на семафорите. Во видео 9 се гледа ‘ситроенот’ како во 6:35 часот ја поминува крстосницата и се упатува на бул. ‘Климент Охридски’. Потоа доаѓа на крстосницата со бул. ‘Партизански одреди’, при што се движи кон улица ‘Орце Николов’ кај бензинската на ‘Макпетрол’. Во видеото 11 се гледа крстосницата на булеварот ‘Илинден’ со ‘Наум Наумовски Борче’. Се забележува како навлегува возилото од улицата ‘Михаил Цоков’, подзастанува кај хотелот ‘Парк’ и продолжува до улицата ‘Наум Наумовски Борче’ каде што е зградата на оштетената Вања Ѓорчевска. Ова е во 6:37 часот”,
наведе обвинителката.