Оваа информација доаѓа откако претходно од Министерството за внатрешни работи потврдија дека денеска е уапсен Раде Трајковски-Штекли

Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) потврди дека се лишени од слобода повеќе лица кои се дел од криминална група што се занимава со продажба на дрога.
Оттаму додаваат дека попладнево на повеќе локации се вршат претреси.
„По наредба на обвинител од ОЈО ГОКК во моментов се вршат претреси на повеќе локации. Има повеќе лица кои се лишени од слобода. Може да потврдиме дека станува збор за криминална група што се занимава со продажба на дрога“,
се вели во информацијата од ОЈО ГОКК.
Повеќе информации од ОЈО ГОКК најавија дека ќе има во текот на утрешниот ден.
Оваа информација доаѓа откако претходно од Министерството за внатрешни работи потврдија дека денеска е уапсен Раде Трајковски-Штекли кој е осомничен за трговија на дрога и тој наводно предводел група од над десет члена кои се занимавале со продажба на наркотични средства.
Информациите што веќе се шират во јавноста, а за кои од МВР и од ОЈО ГОКК нема потврда, се дека Штекли е уапсен при обид за бегство во близина на хотел во околината на Гевгелија.
Штекли, кој во 2023 година двапати беше цел на вооружени напади во трговскиот центар „Ист гејт“, последен пат беше актуелен во јавноста во ноември минатата година кога во дворот на неговата куќа во скопската населба Ќерамидница беше фрлена експлозивна направа од која беше повредено едно лице.
Според она што тогаш го објавија медиумите, повредениот во овој случај беше токму Раде Трајковски-Штекли, кој помина со изгореници.
По овој настан во Ќерамидница министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека е лошо тоа што криминалните банди „хараат“ и го нарушуваат мирот на граѓаните, но најави дека МВР ќе одговори одлучно и сурово.