Целта на Владата, како што пишува во соопштението оттаму, е да се најде решение кое ќе биде во насока на подигнување на стандардот на работниците во согласност со буџетските можности
Средбата меѓу Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани и премиерот Христијан Мицкоски ќе се одржи кога тој ќе се врати од официјалната посета на Соединетите Американски Држави (САД), изјавија попладнево од Владата за агенцијата МИА.
„Веднаш по враќањето од САД, премиерот Христијан Мицкоски ќе ги прими претставниците на Синдикатот и ќе се дискутира за изнаоѓање на решение кое ќе биде од полза на работниците и исполнување на нивните права“,
велат од Владата.

Целта на Владата, како што пишува во соопштението оттаму, е да се најде решение кое ќе биде во насока на подигнување на стандардот на работниците во согласност со буџетските можности.
Од Владата сметаат дека е позитивно тоа што лидерите на УПОЗ прифаќаат дијалог наместо рестриктивни и избрзани мерки како протест, без да бидат исцрпени можностите за дијалог и изнаоѓање конечни решенија.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани, Трпе Деаноски, денеска поднесе формално барање за средба со премиерот Христијан Мицкоски.
Барањето за средба, додава Деаноски, доаѓа откако изминатите денови „се изначитавме декларативни соопштенија од страна на Владата преку кои нè канеше на средби преку медиумите“.
Веќе четврти ден вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, потоа нивните колеги од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за правда, Министерство за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерство за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив излегуваат на полчасовен протест пред зградите. Протестите се одржуваа од 11 до 11:30 часот.