Припишувајќи си го на себе успехот за пуштањето на пругата, од СДСМ го обвинија премиерот Христијан Мицкоски оти се кити со туѓи перја. Сепак, како што велат, добро е што проектот е завршен во интерес на граѓаните
Откако денеска и официјално беше пуштена во употреба пругата Куманово-Бељаковце, која е дел од Коридорот 8, од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија велат оти и ова е проект кој 90 отсто бил завршен во време на Владата предводена од СДСМ.

„’Пругата наречена надеж’ 28 години тапкаше во место и немаше никакво поместување во делот на изградбата. Благодарение на посветеноста на владата на СДСМ изградбата започна во октомври 2022 година и сега се завршува. СДСМ докажа дека кога се има желба, кога се работи посветено и со правилно менџирање на буџетските финансии и ресурси, секоја цел е остварлива“,
велат од опозициската партија.
Припишувајќи си го на себе успехот за пуштањето на пругата, од СДСМ го обвинија премиерот Христијан Мицкоски оти се кити со туѓи перја. Сепак, како што велат, добро е што проектот е завршен.
„Овој значаен инфраструктурен проект отвора нови европски рути за железнички превоз, го подобрува регионално поврзување на Македонија со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и Драч во Албанија, што е од исклучителна важност за македонската економија. Дополнително, новата железничка инфраструктура е можност за отворање на пазари за нови инвестиции, за нови соработки меѓу домашните, но и со меѓународните компании, помалку трошоци за транспорт и безбеден транспорт“,
додаваат оттаму.
