Премиерот Христијан Мицкоски порача оти Божиќ како празник на силата на вербата, надежта и љубовта поттикнува кон осврнување кон вистинските вредности – човечноста, солидарноста и поддршката за оние на кои најмногу им е потребна
Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божиќ.

Во сите храмови на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) изутринава се одржуваат божиЌни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот г.г. Стефан ќе богослужи архиерејска литургија на Св. Василиј Велики.
По повод БожиЌ, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници упати божиќно послание во кое им пожелува мир и благослов.
Големиот христијански празник утринава го честиташе и државниот врв.
Премиерот Христијан Мицкоски порача оти Божиќ како празник на силата на вербата, надежта и љубовта поттикнува кон осврнување кон вистинските вредности – човечноста, солидарноста и поддршката за оние на кои најмногу им е потребна.
„Во овие празнични денови, сите ние сме повикани да го отвориме срцето кон другите, да покажеме добрина, да простиме и да ја споделиме радоста со семејствата, пријателите и заедницата. Во овој свет период, кога светлината на Божиќ ги осветлува нашите домови и души, нека љубовта и мирот се ваш водич низ животот. Нека празникот ве потсети на вредностите кои нè обединуваат и кои ни даваат сила да се соочиме со предизвиците, но и да создаваме подобра иднина за сите нас. Нека Божиќ ви донесе радост, здравје и благосостојба. Нека ви биде извор на инспирација и сила да чекорите напред со вера и надеж во подобро утре“,
порача премиерот Мицкоски во божиќната честитка.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го честита празникот со пораката оти Христовото раѓање нè учи и инспирира како да сакаме, да шириме мир и хармонија, да им помагаме на беспомошните, безрезервно да даваме поткрепа и нудиме утеха. Божиќ, како што порача претседателката во празничната честитка, ја симболизира животворноста на верата и надежта, како суштински за човековата природа.
„Да ги отвориме и на овој божиќен ден срцата за сите луѓе, да се обидеме да ја разбереме сечија потреба за среќа, да придонесеме за општествената благосостојба. Да го послушаме пастирскиот повик на Македонската православна црква и да влеземе во божјите храмови за да ја засилиме личната и националната духовност“,
вели претседателката на државата.
Во името на Собранието, празникот го честита и собранискиот спикер Африм Гаши.
Порача дека овој ден е можност да се нагласи важноста на вредностите кои нè обединуваат како општество – толеранцијата, солидарноста и почитта еден кон друг.
„Посакувам овој празник да донесе мир, хармонија и радост во вашите срца и вашите семејства. Нека оваа година биде година исполнета со успех, бериќет и здравје за сите вас. Честит Божиќ!“,
напиша Гаши во божиќната честитка.