На петте локации каде што се извршени убиствата се пронајдени 37 чаури, девет проектили и 11 делови од проектили. Кај осомничениот убиец, кој се застрела себеси во 23:35 часот, биле пронајдени пиштол со 10 куршуми во рамката и една чаура, а во неговата облека полицијата нашла дополнителни 64 куршуми и рамка од пиштол со уште 15 куршуми
Вчерашното масовно убиство во Цетиње, каде што на пет различни локации беа убиени 12 лица, е извршено во рок од 30 минути, информира попладнево на прес-конференција в.д. директорот на Полициската управа на Црна Гора, Лазар Шќепановиќ. Ова е временскиот интервал во кој полицијата ги добила пријавите за секое од убиствата.
Повеќето од жртвите се членови на семејството на осомничениот убиец, неговите кумови или пријатели.

Првата пријава полицијата ја добила во 17:26 часот за употреба на огнено оружје во кафеана и за повеќе повредени лица, но кај нив била пријавена погрешна локација – во местото Бајице. Полициските службеници многу брзо стигнале на посоченото место и утврдиле дека локацијата е погрешна, што им го забавило делувањето.
Во овој период, како што рече в.д. директорот на Полициската управа на Црна Гора, според увидот во надзорните камери, осомничениот веќе лишил од живот четири лица и тоа – Б.М. (1965), Р.М. (1955), Н.М. (1986) и М.В. (1980). Тие биле убиени во кафеана каде што заедно со осомничениот престојувале во текот на денот.
„Сите лица во текот на денот престојувале во кафеана во Велестово и меѓусебно се познавале“,
додаде Шќепановиќ.
На оваа локација осомничениот ранил уште три лица и потоа со автомобил се упатил до местото Хумче каде што во семејна куќа и ги убил Ј.О. (1970) и М.М. (1986). Во пукањето ја ранил и М.М. (1987), сопруга на убиениот М.М. која, иако ранета, успеала да побегне од куќата и да отиде кај првите соседи.
Убиецот потоа отишол во семејната куќа и ги убил своите родители Р.М. (1955) и Р.М. (1962).
Потоа се упатил на третата локација, за што полицијата добила пријава во 17:46 часот, оти е извршено убиство над две деца (2011 и 2016) во населбата Хумче. Потоа отишол во местото Доњи Крај каде што ја убил сестра си во нејзината куќа, по што се упатил на петтата локација каде што ја убил Д.Д. (1973).
За последното убиство полицијата добила пријава во 17:57 часот.
На петте локации каде што се извршени убиствата, како што соопшти Шќепановиќ, се пронајдени 37 чаури, девет проектили и 11 делови од проектили.
Откако бил опколен од полициски службеници, осомничениот убиец околу 23:35 се застрелал себеси, но на повредите им подлегнал при транспорт во болница. Кај него, како што соопшти в.д. директорот на Полициската управа на Црна Гора, биле пронајдени пиштол со 10 куршуми во рамката и една чаура, а во неговата облека полицијата нашла дополнителни 64 куршуми и рамка од пиштол со уште 15 куршуми.
Мотивот за повеќекратното убиство се уште се истражува.