На прашањето, дали целосен ветинг на правосудството по примерот на Албанија е решението, премиерот вели дека имаме одлични закони и оти е потребно обвинителите и судиите да се ослободат од стегите на моќниците
Сегашниот состав на Судски совет можеби има легалитет, но нема легитимитет кај граѓаните, смета премиерот Христијан Мицкоски кој во интервју за државната агенција МИА нагласува дека кадровскиот потенцијал којшто треба да го освежи ова тело треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе, но и со институционална меморија позади себе, односно да има биографија и тежина, бидејќи „ако ние едните ги замениме со други, а навиките и начинот на однесување останат исти, не сме направиле ништо“.

„Едно е јасно, дека овој Судски совет ваков каков што е нема легитимитет кај граѓаните. Тој можеби има легалитет, но нема легитимитет бидејќи кредибилитетот им е уништен, довербата е едноцифрен број проценти, довербата е на историско најниско ниво и она кое што е важно е дека ако нема свесност помеѓу нив самите да заминат, тогаш мора ние да преземаме некакви чекори за да може тие да заминат. Но, тоа не значи дека сега едни луѓе коишто ја довеле ситуацијата и состојбата ваква каква што е да ги замениме со други коишто тоа ќе го продолжат. Кадровскиот потенцијал којшто треба да го освежи ова тело или оваа институција навистина треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе, но и институционална меморија позади себе, односно да има биографија, тежина тој којшто ќе биде таму, затоа што ако ние едните ги замениме со други, а останат навиките исти и начинот на однесување не сме направиле ништо. Истото и за нас ќе се случи еден ден, ќе заминеме и ние, ќе дојдат некои други итн. Затоа што, кога ќе дојдат тие смени, а кога ќе дојдат како резултат на смената во парламентот во кое што мнозинство е оваа Влада и ако нема некакви позитивни промени тогаш ние ќе бидеме виновни и сите ќе речат – еве, исти се, а тоа не е наша цел. Ние не сакаме тоа да го правиме“,
рече Мицкоски одговорајќи на прашањето за тоа дали останува на ставот за целосно распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители.
На прашањето, дали целосен ветинг на правосудството по примерот на Албанија е решението, премиерот вели дека имаме одлични закони и оти е потребно обвинителите и судиите да се ослободат од стегите на моќниците.
„Не би рекол дека ветингот е опција. Ние имаме одлични закони. Ние треба само да ги ослободиме обвинителите и судовите од партиските стеги. Ова вие што велите да не бидат во грч и да мора на партиски моќници или некој друг тип на моќници да им служат. Ние треба само да ги ослободиме и на тој начин тие ќе почнат да се однесуваат онака како што би требало да се однесуваат, односно да обвинуваат и судат по закон и Устав“,
посочи Мицкоски.