Од партијата обвинија дека премиерот сака да дели партиска наместо законска правда и дека сака да преземе целосна контрола и партизација на судството фрлајќи ги на буниште реформите во судството
Најавите на Мицкоски дека Владата планира распуштање на Судскиот совет со разрешување на пет негови члена е чекор кон целосна окупација на судството од страна на власта – реагираат од опозицискиот СДСМ во врска со изјавата на премиерот за најавеното разрешување на членови на Советот.

„Режимот дефинитивно се враќа. Мицкоски сака судството да го стави под негова контрола. Ова значи газење на демократијата, газење на уставната поделба на власта и враќање кон мрачните времиња на политички прогон преку контролирани судии и судски процеси. Целосно спротивно на сите реформи и на она што Мицкоски го потпиша во планот за раст пред само неколку месеци во Брисел“,
велат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека Мицкоски сака да дели партиска наместо законска правда и дека сака да преземе целосна контрола и партизација на судството фрлајќи ги на буниште реформите во судството.
„СДСМ со месеци предупредува дека ова не е изолиран случај, туку стратегија на Мицкоски и неговата партија судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви. СДСМ остро ќе се спротивстави на ова и ќе направи се да не дојде до оваа окупација на судската власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ“,
велат од опозициската партија.
Претходно, премиерот изјави дека не би се согласил, врз основа на мислењата што ги има од областа и од уставните експерти, дека начинот на којшто треба да се побара одговорност од членовите на Советот, е незаконски и неуставен. Тој ова го кажа во одговор на новинарско прашање за чекорите за најавеното разрешување на членовите на Советот со оглед на забелешките на дел од правните експерти дека тој потег е противзаконски.