„Во предметот се уште се преземаат дејствија од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција. Со цел да не се наштети на постапката, двете институции координирано ќе ја информираат јавноста кога ќе се создадат услови за тоа“, велат од ОЈО-Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје против Јован Деспотовски води претходна постапка поради постоење на основано сомневање за сторено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството, одговарајќи на новинарски прашања.
Оттаму посочуваат дека надлежен јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје денеска доставил предлог за одземање на патната исправа на Деспотовски и обврска за негово повремено јавување во Судот како мерки на претпазливост.
„Во предметот се уште се преземаат дејствија од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција. Со цел да не се наштети на постапката, двете институции координирано ќе ја информираат јавноста кога ќе се создадат услови за тоа“,
велат од Обвинителството.
Поранешниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски и член на СДСМ ги демантираше тврдењата објавени во дел од медиумите дека бил приведен по налог на Управата за финансиска полиција (УФП). Според него, информацијата дека е приведен поради сомневање за проневера од два милиона евра е намерно дезинформирање на јавноста.
„Во моментов, ги преземам сите потребни правни чекори за заштита на мојата чест и углед. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење на дезинформации. Мојата достапност и за институциите и за медиумите досега е потврдена во пракса и ќе остане така и во иднина“,
се вели во писмената реакција на Деспотовски која ја пренесе Радио Слободна Европа.
Претходно неделникот „Фокус“, повикувајќи се на неофицијални информации, објави дека Финансиската полиција го привела поранешниот Деспотовски поради наводна проневера на два милиона евра во ТИРЗ Струмица и ТИРЗ Штип.