Според црногорските медиуми, не е познато кој ја активирал димната бомба, а на видеото објавено на социјалните мрежи се гледа дека чадот почнува да излегува во делот од салата каде што седат дел од пратениците на опозициската Демократска партија на социјалистите (ДПС)
Денешната седница на Уставната комисија во црногорскиот парламент е прекината за време на жестоката расправа меѓу власта и опозицијата, откако во салата е активирана димна бомба, пренесува РСЕ.
Димната бомба е активирана кога на Комисијата се расправало дали тројца судии од Уставниот суд на Црна Гора ги исполниле условите за пензионирање и дали треба да се распише јавен повик за избор на нови.
Според црногорските медиуми, не е познато кој ја активирал димната бомба, а на видеото објавено на социјалните мрежи се гледа дека чадот почнува да излегува во делот од салата каде што седат дел од пратениците на опозициската Демократска партија на социјалистите (ДПС).
Во еден момент пратеникот на таа партија, Абаз Диздаревиќ, ја зел запалената димна бомба и ја ставил на масата.
За време на расправата, претседателката на Уставната комисија, Јелена Божовиќ, рече дека врз основа на одговорот на претседателката на Уставниот суд, односно податоците што таа ги испратила, може да се заклучи дека тројцата судии се стекнале со условите за пензионирање.
Претставничката на ДПС и член на Комисијата, Александра Вуковиќ Куч, рече дека претседателот на Уставниот суд не е Уставен суд и рече дека нема да им дозволи да го прават тоа што го имаат на ум.
Претходно, претседателот на здружението на адвокати на Црна Гора, Бранислав Радуловиќ, предупреди дека во случај Уставниот комитет „експресно“ да пензионира тројца судии на Уставниот суд, ќе дојде до блокирање на функционирањето на политичкиот систем, бидејќи тогаш би било невозможно да се одржат локални избори во Никшиќ и евентуално да се повторат во Подгорица или во Будва.
По инцидентот со димната бомба, Комисијата продолжи со работа и одлучи да објави оглас за избор на двајца судии на Уставниот суд, што ги бира Собранието и да разговара со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, за да објави оглас за избор на уште двајца судии.