Како што информираат од ОЈО ГОКК, единици на Министерството за внатрешни работи заедно со Армијата на Република Северна Македонија сè уште постапуваат на неколку локации за пронаоѓање доказен материјалот и предмети поврзани со истрагата. Армијата, како што неофицијално дознаваме, е вклучена со механизација за копање
Вкупно 18 лица, членови на криминалната група Беланоца/Барон, се осомничени во акцијата што Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Министерството за внатрешни работи (МВР) ја спроведуваа синоќа и утринава на повеќе локации во во скопските општини Чаир, Арачиново, Шуто Оризари, Бутел и Студеничани.
Тие се товарат за тешки кривични дела, од убиства, злосторничко здружување до тешки дела против општата сигурност и изнуда. На товар им се ставаат повеќе убиства извршени изминативе години, дел по нарачка, а дел како одмазда. Дополнително, членовите на групата се осомничени дека стојат и зад палење на објекти и возила на територијата на Скопје, како начин за изнуда на пари, што се одвивала на месечно ниво.
На барање на надлежниот јавен обвинител и со обезбеден судски налог, како што информираа попладнево од ОЈО ГОКК, до денеска наутро биле извршени претреси на 30 локации и биле пронајдени поголеми износи на пари, злато, огнено оружје и други предмети.
Во акцијата, според Обвинителството, се уапсени четири лица, а едно самото се пријавило во полициска станица.
Како што информираат од ОЈО ГОКК, единици на Министерството за внатрешни работи заедно со Армијата на Република Северна Македонија сè уште постапуваат на неколку локации за пронаоѓање доказен материјал и предмети поврзани со истрагата.
Армијата, како што неофицијално дознаваме, е вклучена во претресите со механизација за копање.
Првоосомничен во истрагата, според Обвинителството, е лице кое во моментов е на издржување затворска казна. Тоа, заедно со уште четири лица, од кои две се во притвор, едно е уапсено, а едно починато, ја создале групата чија цел била извршување на убиства. Припадници на групата, потоа станале останатите осомничени, како и други неидентификувани лица и сега починати лица.
„Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки кој, каде, кога и на каков начин ќе биде ликвидиран. Притоа, одлуките ги спроведувале лично или преку други припадници на групата плаќајќи од 10 000 до 250 000 евра за убиство. Па така, во име на поддршка на радикалното движење во РСМ или заради безобѕирна одмазда кон лица од спротивставена криминална група во периодот од 2020 до 2024 година во шест кривично правни настани лишиле од живот осум лица, три лица биле тешко повредени, а на три лица животот им бил во опасност“,
се вели во соопштението на ОЈО ГОКК.
Оттаму велат дека прибраниот доказен материјал упатува дека првоосомничениот заедно со уште две лица стојат и зад убиство извршено во 2016 година во селото Сингелиќ.
Групата од почетокот на 2023 до октомври 2024 година во повеќе наврати извршила и кривични дела изнуда. Цел на групата биле и полициски службеници чии возила биле запалени бидејќи спречувале еден од организаторите, кој бил во затвор, да се занимава со лихварство и да продава дрога во казнено-поправната установа во која се наоѓал.
„Искористувајќи исти прилики, дел од членовите на групата преземале повеќе дејствија и на особено насилен начин и сериозна закана, како и со опожарување на повеќе објекти на територија на Град Скопје, изнудувале парични средства на месечно ниво, но барале и исплата на поголеми парични износи еднократно. Од прибраниот доказен материјал произлезе дека еден од организаторите на групата кој е на издржување на казна затвор во период од јуни 2022 година до април 2023 година со умисла поттикнал на извршување кривично дело тешки дела против општата сигурност бидејќи од страна на полициски службеници бил оневозможен да извршува кривични дела поврзани со лихварство и продажба на дрога во затворот. Па така, во три наврати поттикнал лица кои опожариле три возила на полициски службеници предизвикувајќи штета од поголеми размери“,
наведуваат од ОЈО ГОКК.
За четворицата уапсени надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднел предлог да им биде изречена мерка притвор, додека дел од другите осомничени веќе издржуваат затворски казни, а на дел им е одреден притвор за други случаи.
За двајца од осомничените се распишани меѓународни потерници од претходно, а шестмина се недостапни на органите на прогонот, од кои еден е недостапен од претходно, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.