Околу 40 државни факултети на четири универзитети во Србија официјално се под блокада, а студентите денеска им оддадоа почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад блокирајќи ги патиштата петнаесетина минути
До утре напладне ќе биде објавена целата документација што ја доби обвинителството во врска со уривањето на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, со што ќе се исполни главното барање на студентите кои ги блокираат факултетите, изјави денеска претседателот на Србија Александар Вучиќ, додавајќи дека станува збор за осум големи регистратори и вкупно 195 документи.
Во своето обраќање до граѓаните од Претседателството на Србија, Вучиќ истакна дека студентите секогаш можат да ја добијат документацијата и дека лично ќе им ја предаде, само треба да си изберат свои претставници. Тој побара од премиерот Милош Вучевиќ и идната министерка за градежништво Александар Дамњановиќ Софронијевиќ да ја објават документацијата на своите веб-страници.
Околу 40 државни факултети на четири универзитети во Србија официјално се под блокада, а студентите денеска им оддадоа почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад блокирајќи ги патиштата петнаесетина минути. На блокадите денеска се приклучија и студентите на Бизнис школата во Нови Сад, Електронскиот факултет во Ниш и Природно-математичкиот факултет во Крагуевац, а истото го најавија и студентите на Медицинскиот факултет во Нови Сад.
Студентите бараат објавување на целосна документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, како и откривање на одговорните за нападот врз студентите на ФДУ. Студентите добија поддршка од Универзитетот во Белград, од бројни професори, активисти, земјоделци и политички партии, како и граѓани.