Според американскиот Стејт департмент, Груби и Беџети се ставени на листата на санкционирани поради нивна вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби од Демократската унија за интеграција (ДУИ) и судијата во Апелацискиот суд во Скопје, Енвер Беџети, се ставени на т.н. „црна листа“ на Соединетите Американски Држави, соопшти денеска американскиот Стејт департмент.
Како што објавија оттаму, Груби и Беџети се најдоа на листата поради вмешаност во значителна корупција, конретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
„Согласно членот 7031(в), Стејт департментот јавно ги означува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање на Северна Македонија. Мијалков беше означен (ставен на црната листа, н.з) во 2022 година за значителна корупција според член 7031(в), а OФАЦ (OFAC) го санкционираше според Е.О. 14033“,
се навеува во соопштението на американскиот Стејт департмент.
Покрај Груби, како што се додава, на листата се ставени и членови на неговото потесно семејство.
Инаку, како што се наведува на самиот почеток на соопштението, одлуката на Стејт департментот доаѓа на Меѓународниот ден за броба против корупцијата и во пресрет на Денот на човековите права.
Груби и Беџети се дел од 14 лица, вкучително и членови на нивните потесни семејства, кои се најдоа на најновото проширување на американската „црна листа“.
„Стејт департментот санкционира 14 лица, вклучително и членови на нивните потесни семејства за вмешаност во значителна корупција и еден службеник за негова вмешаност во грубо кршење на човековите права… што ги прави неподобни за влез во Соединетите Држави. Стејт департментот, исто така, дополнително презема чекори за воведување визни ограничувања за десетици поединци во согласност со повеќе политики според член 212(а)(3)(В) од Законот за имиграција и националност. Дополнително, претседателот Бајден, кој го издаде Претседателскиот проглас 10685, Одделот презеде акција според оваа надлежност за ограничување на визите на поединци кои овозможиле, олесниле или на друг начин биле вмешани во значителна корупција и на членовите на нивните потесни семејства. Истовремено, Соединетите Држави, во тесна координација со Обединетото Кралство, санкционираат девет поединци и 19 ентитети кои сочинуваат глобална корупциска мрежа со седиште во Зимбабве во рамките на програмата за санкции Глобал Магнитски и три поединци и ентитети во Јемен и Сирија поврзани со кршење на човековите права според програмата за санкции на Глобал Магнитски и програмата за санкции за Сирија“,
се наведува на соопштението.
Инаку, Артан Груби и судијата Енвер Беџети се првите кои се наведени како санкционирани веднаш по воведниот дел од соопштението на американскиот Стејт департмент.
Груби беше прв вицепремиер во владите на СДСМ и ДУИ, партии кои се најдоа во опозиција по овогодишните парламентарни избори.
Судијата Енвер Беџети стана познат по чувањето во фиока на предметот за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.