„Известен е јавен обвинител, се преземаат дејствија за расчистување на настанот“, велат од Обвинителство

По синоќешниот инцидент за време на прославата на Денот на албанското знаме, кога беше искинато македонското знаме, денеска од Јавното обвинителство рекоа дека се преземаат дејствија за расчистување на настанот.
„Известен е јавен обвинител, се преземаат дејствија за расчистување на настанот“,
соопштуваат од ЈОРМ.
За време на синоќешната прослава на Денот на албанското знаме низ улиците во дел од Скопје било скинато македонското знаме, според видеа што се појавија на социјалните мрежи.
Откако неколку улици во делови од Скопје синоќа беа блокирани од колони возила од кои се вееја албански знамиња, на видеа објавени на социјалната мрежа Икс, во близина на Бит-пазар, на еден автомобил можеше да се види како лице го кине македонското знаме и го фрла настрана.
За инцидентот осуда стигна од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и од опозициската СДСМ.
Од опозицискиот СДСМ побараа од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија.
Од владејачката партија реагираат за, како што велат, навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи. Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквите постапки имаат политичка заднина, а креаторите преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда.