Откако неколку улици во делови од Скопје синоќа беа блокирани од колони возила од кои се вееја албански знамиња, на видеа објавени на социјалната мрежа Икс, во близина на Бит-пазар, на еден автомобил можеше да се види како лице го кине македонското знаме и го фрла настрана
ВМРО-ДПМНЕ остро реагира и го осуди вчерашното сквернавење на македонското знаме за време на прославата на Денот на албанското знаме по скопските улици. Од владејачката партија реагираат и за, како што велат, навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи. Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквите постапки имаат политичка заднина, а креаторите на истите преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда.
„Законот мора да се почитува од сите подеднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот. Криминалните банди кои 20 години ги ограбија институциите и сите граѓани независно од етничката припадност, со овој однос покажаа дека за нив националните знамиња не се ништо друго освен обвивка со која мислат дека ќе избегнат кривична одговорност. Правдата доаѓа, а овие реакции се најголема потврда за нивниот страв“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ од каде што ги повикаа граѓаните да останат достоинствени и мудри бидејќи „ова се само последни крици на еден криминален монструм кој ја понижи и ограби Македонија“.
За време на синоќешната прослава на Денот на албанското знаме низ улиците во дел од Скопје било скинато македонското знаме, според видеа што се појавија на социјалните мрежи.
Откако неколку улици во делови од Скопје синоќа беа блокирани од колони возила од кои се вееја албански знамиња, на видеа објавени на социјалната мрежа Икс, во близина на Бит-пазар, на еден автомобил можеше да се види како лице го кине македонското знаме и го фрла настрана.
Немам зборови… pic.twitter.com/A3bS1WU8KY
— Роберто Навали (@roberto_navali) November 28, 2024
Според Кривичниот законик, во членот 238, за „тој што со намера за исмејување јавно ќе ја изложи на подбив Република Северна Македонија, нејзиното знаме, грб или химна“, предвидена е парична казна или затвор до една година.
За ваквиот однос кон македонското знаме синоќа пристигна писмена реакција од СДСМ. Оттаму најостро ги осудија инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме.
Од опозицискиот СДСМ побараа од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија.