Премиерот посочи и дека ја следи дебатата на, како што рече, „остатоците на удбашки и болшевистички структури кои до денес се присутни во кодошките безбедносни структури“. Затоа, како што оцени, се плашат од спојување на АНБ и АР
За многу скоро време македонската јавност ќе слушне што се правело со безбедносните служби, а СДСМ ќе се срамат и ќе треба да се извинат. Ова беше дел од одговорот на премиерот Христијан Мицкоски на пратеничко прашање од пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, кој обвини дека власта врши партиски упад во речиси сите комисии и регулаторни тела кои треба да бидат независни од централната власт.

Трајчулески, меѓу другото, обвини за партизација во Советот за граѓански надзор над следењето на електронските комуникации и работата на безбедносните служби.
„Ве носат во длабоко тие кои ви ги даваат прашањата. Многу скоро од денеска ќе се срамат, јавноста ќе знае“,
рече Мицкоски прашан дали системот на заслуги што го промовирал пред изборите, во реалноста е систем на партиски заслуги.
Рече дека јавноста ќе биде згрозена кога ќе бидат откриени мерките што ги преземало претходното раководство на СДСМ – физичко, следење и употреба на недозволени методи.
„Се сеќавате на оној проект ‘вистината за Македонија’, ќе ја видите невистината на тие што правеле околу прислушкувањето и ќе се срамите и ќе излезете да се извините, затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушкувале луѓе кои водат опозициски партии. Убеден сум дека дел од последното раководство на СДСМ не знаеле, но дел го правеле за злоупотреба и лична агенда, но тоа што се случувало ќе ве згрози, какви мерки се преземале, физичко следење и употреба на недозволени методи. Затоа се плашите вие“,
рече премиерот Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеникот Митко Трајчулевски.
Премиерот посочи и дека ја следи дебатата на, како што рече, „остатоците на удбашки и болшевистички структури кои до денес се присутни во кодошките безбедносни структури“. Затоа, како што оцени, се плашат од спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.
Претходно денеска пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски, на прес-конференција обвини дека ВМРО-ДПМНЕ избрира партиски членови во Советот за граѓански надзор, претворајќи го во инструмент за партиска контрола на прислушувањето и следењето на комуникациите. За оваа, како што ја нарекоа од СДСМ, скандалозната партизација на првиот состав на Советот на граѓански надзор, уште денеска ќе ја информираат меѓународната заедница.