Во рамки на официјалната посета, покрај средбите со државниот врв на земјата, Сиљановска-Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет при Универзитетот на Црна Гора, на тема „Западнобалканскиот демократски и евроинтеграциски маратон“
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во дводневна официјална посета на Црна Гора, каде ќе има средби со државниот врв на земјата, соопштија од нејзиниот кабинет.

Како што е најавено, македонската претседателка денеска во Цетиње, со највисоки државни и воени почести ќе биде пречекана од нејзиниот црногорски колега, Јаков Милатовиќ, по што ќе следи тет-а-тет средба на двајцата претседатели, како и пленране состанок на делегациите на двете земји.
Сиљановска-Давкова и Милатовиќ е предвидено да засадат дрво на пријателство во дворот на резиденцијата на претседателот на Црна Гора.
Претседателката во Подгорица ќе оствари средба и со претседателот на парламентот на Црна Гора, Андрија Мандиќ, а според агендата, утре е предвидена средба и со премиерот на земјата, Милојко Спајиќ
Во рамки на официјалната посета, Сиљановска-Давкова, како што информираат од нејзиниот кабинет, ќе одржи предавање на Правниот факултет при Универзитетот на Црна Гора, на тема „Западнобалканскиот демократски и евроинтеграциски маратон“.
