Дали е изводливо да одиме во продавница или на пазар во овој период? Има работи кои граѓаните секојдневно ги прават, а наликуваат на нешто што значи гласање на избори, посочува во „Утрински брифинг“ извршниот директор на граѓанската организација која со години наназад ги набљудува изборите во земјава
Со утврдување конкретен датум за избори, се чисти теренот за шпекулации и институциите ќе можат лесно да ги спроведат неопходните подготовки, оцени Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската асоцијација МОСТ, во гостување во „Утрински брифинг“. Според него, потребно е Владата со уредба да им наложи на институциите да ги „спакуваат“ изборите.
Како што посочува Алексов, чија организација со години наназад ги набљудува изборните циклуси во земјава, последното ажурирање на Избирачкиот список е направено на 1 мај, што значи дека без разлика што во март е завршен јавниот увид, ДИК има добиено Избирачки список со состојба до 1 мај.
Посочи и дека во Јужна Кореја изборите беа спроведени во услови на пандемија, а без сериозни последици по здравјето на граѓаните.
„Дали е изводливо да одиме во продавница или на пазар во овој период? Има работи кои граѓаните секојдневно ги прават, а наликуваат на нешто што значи гласање на избори. Ако се земе примерот со Јужна Кореја, таму се гласаше и имаше рекордна излезеност и потоа немаше нови пикови. Така што изводливо е гласањето. Ова не се регуларни избори. Во 2004 година, кога имавме вонредни претседателски избори, Избирачкиот список беше ставен во функција за само 10 дена. Она што ДИК може да го направи денес е да ги повика граѓаните да направат проверка на личните податоци во канцелариите на ДИК. Практично Избирачкиот список е на увид секој ден“,
вели Алексов.
Тој укажа на Решението потпишано од Владата и ДИК дека изборите не се прекинати, туку се замрзнати поради ковид – 19, а по укинувањето на вонредната состојба, според тоа Решение, се бројат 22 дена до избори.
Претседателот Стево Пендаровски, во петокот, во интервју за ТВ 24, исто така посочи дека согласно Уставот, вонредни претседателски избори се одржуваат во рок од 40 дена, како што беа спроведени и изборите во 2004 година, кога тој беше на чело на ДИК.
Актуелниот претседател на ДИК Оливер Деркоски, пак, тврди дека се потребни нови од 50 до 60 дена за спроведување на изборите, пред се поради ажурирање на изборачкиот список.
Десеттите парламентарни избори беа распишани на 16 февруари, а беа прекинати на 21 март, така што во тие 33 дена беа спроведени повеќето изборни дејствија, вклучително со утврдувањето на кандидатските листи за пратеници и на редоследот на партиите на изборното ливче. Изборите беа замрзнати со владина Уредба два дена пред стартот на кампањата, која трае 20 дена, по што се оди на гласање.
