Датумот за избори не е моја работа, јас сум само медијатор во тој процес. Целта е да се постигне консензус, рече претседателот на државата, Стево Пендаровски, во вечерашното гостување на ТВ24.
Разговорите за конкретни датуми за изборите се очекуваат да бидат отворени на најавената втора лидерска средба кај Пендаровски, која треба да се одржи на почетокот на идната недела.
„Тргам од интересот на државата, а тоа е да имаме фер и демократски избори неопходни за евроинтеграцискиот процес“,
рече Пендаровски.
Пендаровски рече дека позициите на политичките лидери во однос на датумот за избори се многу различни.
„Разликите се поголеми од еден месец“,
рече шефот на државата, кој кажа дека веројатно тие би биле во летен период.
Предупреди дека ќе имаме проблем доколку лидерите не постигнат договор за датум за парламентарните избори и ако се вратиме на политичка влада.
„Немаме Собрание, а тоа неверојатно ги компликува сите работи во правната сфера“,
рече претседателот.
Тој повтори дека денешното прогласување на вонредна состојба во траење од 14 дена не е врзано со изборите.
Доколку не продолжи вонредната состојба, бидејќи нема Собрание, Владата, како што појасни тој, не може да врши плаќања за ублажување на економските штети од ковид-19.
Пендаровски рече дека засега не се знае дали вонредната состојба ќе продолжи после овие 14 дена и оти тоа се ќе зависи од здравствената состојба.