Рускиот претседател и неговиот српски колега последен пат телефонски разговараа на 20 октомври, кога Вучиќ во изјава за медиумите кажа дека Путин го поканил следната година да присуствува на 80-годишнината од победата над фашизмот. Вучиќ подоцна потврди дека ќе присуствува на настанот
Српскиот претседател Александар Вучиќ добил покана од претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, да ја посети Москва на 9 мај следната година, на одбележувањето на 80-годишнината од победата во Втората светска војна, пренесе Радио-телевизија Србија (РТС).

„Ве повикувам да учествувате на свеченостите по повод 80-годишнината од победата во Големата патриотска војна, што ќе се одржи во Москва на 9 мај 2025 година“,
навел рускиот претседател Путин во поканата до Вучиќ.
Во поканата испратена до српскиот претседател, Путин наведува дека е убеден оти зачувувањето на сеќавањето на големата победа ќе ја зајакне заедничката определба за зголемување на конструктивната соработка со цел да се обезбеди мир и безбедност на планетата.
Претходно, Путин го покани Вучиќ на Самитот на БРИКС што се одржа во октомври годинава во рускиот град Казан, но Вучиќ не се одзва на поканата со образложение дека Србија во тој период ќе има важни гости.
Рускиот претседател и неговиот српски колега последен пат телефонски разговараа на 20 октомври, кога Вучиќ во изјава за медиумите кажа дека Путин го поканил следната година на 9 мај да присуствува на 80-годишнината од победата над фашизмот. Вучиќ подоцна за РТС потврди дека ќе присуствува на настанот.
