„Доколку таквата одлука навистина била формулирана и пренесена на режимот во Киев, тогаш тоа е квалитативно нова рунда тензии и нова ситуација од гледна точка на вмешаноста на САД во овој конфликт“, рече портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков
Секоја одлука со која САД ѝ одобруваат на Украина користење американски проектили и оружје со долг дострел за напади во внатрешноста на Русија, според Кремљ, значи директно вклучување на Соединетите Држави во конфликтот и ескалација предизвикана од администрацијата на претседателот Џо Бајден.

Говорејќи на својот редовен дневен брифинг со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека нема промена во позицијата од она што рускиот претседател Владимир Путин го кажа во септември – дека нападите со американско оружје на руска територија ќе ги смета за директно вклучување на НАТО во конфликтот.
„Доколку таквата одлука навистина била формулирана и пренесена на режимот во Киев, тогаш тоа е квалитативно нова рунда тензии и нова ситуација од гледна точка на вмешаноста на САД во овој конфликт“,
рече портпаролот на Кремљ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски со месеци бараше да се укинат ограничувањата за користење ракети со долг дострел. Одлуката, која засега не е официјално потврдена од Белата куќа или од Пентагон, доаѓа во критичен момент за Украина кога нејзините сили на истокот се под силен притисок на руската армија која напредува во тој дел на фронтот.
