ОДИХР не е во позиција да дава совети за тоа кога треба или не треба да се одржат избори, затоа што тоа е суверена одлука на секоја земја со која соработуваме во регионот во кој делува ОБСЕ. Како набудувачи, не можеме да се мешаме во процесот на донесување одлуки, велат од ОДИХР
Без одлука за датумот за избори, не можеме да правиме никакви планови за мониторинг, а ОДИХР не е организација која се меша во носењето одлука за датум ниту дава совети дали треба или не треба да се одржат избори во некоја земја. Ова е сублимираниот одговор што „360 степени“ го доби од портпаролот на ОБСЕ-ОДИХР на прашањето за „ставот на ОДИХР за продолжување на суспендираната набљудувачка мисија во Северна Македонија, со оглед дека тоа е еден од условите договорени меѓу лидерите на партиите во земјава за одредување на датумот за избори“.
„360 степени“ побара став од ОДИХР по изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека шефот на дипломатијата Никола Димитров телефонски разговарал со директорката на ОДИХР која му соопштила дека наскоро ќе следува писмен одговор на оваа институција на дилемите отворени на последната лидерската средба кај шефот на државата, во врска со можноста за меѓународен мониторинг на изборите.

Од седиштето на ОДИХР во Варшава го добивме следниот одговор:
„ОДИХР беше принудена да ја суспендира набудувачката мисија за предвремените парламентарни избори во Северна Македонија, поради ограничувања во патувањата и здравствените грижи, со избувнувањето на пандемијата на ковид-19. Во контакт сме со властите на Северна Македонија за да ги разјасниме сите можности за набудувачите на ОДИХР. Сепак, важно е да се разбере дека ОДИХР се потпира на делегирање долгорочни и краткорочни набудувачи зашто тие се праќаат од другите земји-членки на ОБСЕ.
Откако ќе се утврди датумот за избори, ОДИХР внимателно ќе ги разгледа новите временски рокови, земајќи ги предвид можноста набудувачите да патуваат и другите ограничувања што постојат во тој момент. Сепак, не можеме да правиме никакви планови се додека таа одлука не се донесе. Би сакала да истакнам дека ОДИХР не е во состојба да дава совети за тоа кога треба или не треба да се одржат избори, затоа што тоа е суверена одлука донесена од секоја земја со која соработуваме во регионот во кој делува ОБСЕ. Како набудувачи, не можеме да се мешаме во процесот на донесување одлуки“,
изјави за 360° портпаролката на ОДИХР.

Во меѓувреме, македонското Министерство за надворешни работи вчера информираше дека од ОБСЕ/ОДИХР добиле позитивен одговор на прашањето дали постои подготвеност да продолжат со набљудувачката мисија на предвремените парламентарни избори.
„Врз основа на договореното на средбата меѓу политичките лидери, МНР стапи во комуникација со ОБСЕ/ОДИХР со прашањето дали постои подготвеност да продолжат со набљудувачката мисија на предвремените парламентарни избори. Одговорот го добивме и во овој момент можеме да споделиме со јавноста дека е позитивен“,
соопштија кусо од МНР, додавајќи дека повеќе детали ќе објават по лидерската средба во понеделник.