Во извештајот на Генералштабот на Украина, објавен на Фејсбук, се вели дека руските сили нападнале во четири бранови и распоредиле воена опрема, вклучувајќи тенкови, оклопни возила и систем за чистење мини
Украинските сили го одбија обидот на руските војници да ја пробијат одбраната во близина на североисточниот град Купјанск, соопшти украинскиот Генералштаб.
Купјанск беше заземен од руските трупи во првите денови од нивната инвазија во февруари 2022 година, а украинските сили го вратија во молскавична контраофанзива неколку месеци подоцна. Во последните месеци на тоа подрачје е зголемена активноста на руските сили.
Во извештајот на Генералштабот на Украина, објавен на Фејсбук, се вели дека руските сили нападнале во четири бранови и распоредиле воена опрема, вклучувајќи тенкови, оклопни возила и систем за чистење мини.
„Нашите бранители со вешти и решителни акции го запреа непријателот, ги уништија сите негови оклопни возила и елиминираа значителен дел од персоналот“,
се наведува во извештајот.
Се вели дека некои од руските војници облекле униформи кои потсетуваат на униформите на украинската армија, практика што ја карактеризираат како воено злосторство.
Дипстејт (DeepState), популарен украински воен блог, информираше дека две колони руски војници и опрема влегле во Купјанск откако паднало мрак. Руските војници се распрснаа низ градот, но украинските сили гаѓаа оклопни возила во градот и околните шуми и уништија дел од групата, наведува блогот.
Во посебен извештај Генералштабот информираше за силна воена активност на југ во Покровск, главната цел на руското напредување, при што украинските сили ги одбиле сите, освен еден од 36-те напади.
Ројтерс не можел независно да ги потврди извештаите од бојното поле.
Претседателот Володимир Зеленски во видео обраќање во текот на ноќта рече дека извештаите презентирани од главниот воен командант Олександар Сирски се фокусирани на регионот Донецк, главниот театар на напредувањето на Русија кон запад, заедно со руските движења кај Купјанск.
