Од увидот што го направиле во јавните набавки за Општина Охрид, констатирале дека во 2019 година е склучен само еден договор за уривање на дивоградбите
Антикорупциската комисија бара од Владата да се справи со уривањето на дивоградбите во Охрид и Струга, наместо тоа да го прави локалната самоуправа. Како што соопшти на денешната прес-конференција претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, од увидот што го направиле во јавните набавки за општина Охрид, констатирале дека е склучен само еден договор за уривање на дивоградбите. Ивановска изјави дека поради малиот износ на средства со кои располага општината за справување со дивоградбите, ќе се остави впечаток дека се постапува селективно.
„Општина Охрид само во 2019 година има склучено еден договор со еден економски оператор во вредност од 1,5 милион денари со ДДВ. Ова е премал износ за справување со дивоградбите. ДКСК ќе испрати барање Владата да ги преземе сите надлежности на општините во овој регион кој е под заштита на УНЕСКО и да се справи со бесправно изградените објекти“,
изјави Ивановска.
Процесот на уривање на дивоградбите во Охрид требаше да почне од октомври минатата година, но досега беа отстранети само неколку диви платформи на угостителски објекти во крајбрежјето, како и мал број на куќи во градба, чии сопственици самите ги урнаа. Градоначалникот на Охрид , Константин Георгиески, неколкупати алармираше дека е оставен од централната власт самиот да се справува со дивоградбите, додека градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, остана на тврдењето дека кај нив не постојат дивоградби во крајбрежјето.