ЕУ и САД ја критикуваа грузиската владејачка партија Грузиски сон за некои од нејзините политики. Партијата создаде блиски врски со Русија, но тврди дека целосно го поддржува влезот на земјата во Европската Унија
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека унгарскиот премиер не ја претставува Унијата за време на посетата на Грузија
Унграскиот премиер Виктор Орбан денеска за време на посетата на Тбилиси изјави дека изборите во Грузија, на кои победи владејачката партија, биле слободни и демократски и му честитал на грузискиот колега Иракли Кобахидзе.

Илјадници луѓе вчера протестираа пред грузискиот парламент во Тбилиси по извештаите за изборни нерегуларности.
Владејачката партија Грузиски сон и изборната комисија тврдат дека изборите биле слободни и фер, а прозападните политички сили побараа истрага.
„Ја прочитав оценката на меѓународните организации и гледам дека никој не се осмелува да оспори дека изборите биле фер и демократски. И покрај сите критики, никој не се осмели да оди толку далеку“,
рече Орбан на прес-конференција.
Во неделата набљудувачките мисии забележаа голем број неправилности, вклучувајќи ја и мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), која обединува 57 земји.
Групите рекоа дека наводните нерегуларности, вклучително и изборна измама, поткуп, заплашување гласачи и насилство во близина на избирачките места, можеби влијаеле на исходот, но не ги нарекоа изборите нефер.
Прозападните Грузијци ги прикажаа изборите како избор помеѓу владејачката партија која ги зголеми врските со Русија и опозицијата која се обидува да ја забрза интеграцијата во Европа.
Унгарија, која моментално е на чело на ротирачкото претседателство на Советот на Европската Унија, ги налути другите членки на Унијата и НАТО алијансата затоа што одлучи да одржува блиски врски со Русија и покрај нејзината инвазија на Украина во 2022 година. Сега се огласија и по повод посетата на Орбан на Грузија.
„Ја критикуваме прераната посета на премиерот Орбан на Грузија. Тој не зборува во име на ЕУ“,
се вели во заедничката изјава на групата од 13 министри за надворешни работи од земјите-членки на Унијата.
Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека унгарскиот премиер не ја претставува Унијата за време на посетата на Грузија.
„Што и да каже господинот Орбан за време на неговата посета на Грузија, тој не ја претставува Европската Унија. Ротирачкиот претседател на Унијата нема овластувања во надворешната политика“,
изјави Борел за шпанското јавно радио РНЕ.
Орбан, исто така, предизвика контроверзии во јули кога отиде во, како што ја нарече Будимпешта „мировна мисија“ во Москва и Пекинг на почетокот на унгарското претседавање со Советот на ЕУ, без да се координира со неговите европски партнери.
Орбан: Грузија е на пат кон ЕУ
ЕУ и САД ја критикуваа грузиската владејачка партија Грузиски сон за некои од нејзините политики. Партијата создаде блиски врски со Русија, но тврди дека целосно го поддржува влезот на земјата во Европската Унија.
Орбан рече дека Грузија е на пат кон членство во Унијата додавајќи дека резултатот од изборите е проевропски избор.
„Унгарија е жесток поддржувач на Грузија на патот кон европската интеграција, а Унгарија одигра посебна улога во доделувањето на кандидатски статус на Грузија. Би сакал лично да му се заблагодарам на Виктор Орбан за тоа“,
рече Кобахиџе.
Грузија доби кандидатски статус во декември минатата година, но ЕУ во повеќе наврати соопшти дека нејзината апликација е замрзната поради, како што ги нарече Брисел, авторитарните тенденции на Грузиски сон.
