„Многу од повредените во нападот починаа поради недостиг на ресурси во болницата што беше цел на израелски напади изминатите недели. Светот мора да преземе акција, а не само да го гледа геноцидот во Појасот Газа. Го повикуваме светот да испрати медицински екипи за лекување на десетици ранети“, вели директорот на болницата

Најмалку 65 цивили, од кои 17 се деца на возраст под 12 години, се убиени во денешниот израелски воздушен напад врз градот Беит Лахија во северниот дел на Газа, пренесува Ал Џезира.
Според палестинските медиуми, цел на израелските сили била станбена зграда во која имало засолнето раселени Палестинци. Од урнатините на зградата, како што пренесува Ал Џезира, се извлекуваат тела, а бројот на починати може и да се зголеми.
Медицинските власти велат дека околу 20 повредени лица од бомбашкиот напад се пренесени во болницата „Ал Авда“ и потребно им е лекување.
„Многу од повредените во нападот починаа поради недостиг на ресурси во болницата што беше цел на израелски напади изминатите недели. Светот мора да преземе акција, а не само да го гледа геноцидот во Појасот Газа. Го повикуваме светот да испрати медицински екипи за лекување на десетици ранети“,
вели директорот на болницата Хосам Абу Сафија.
Палестинската управа за вонредни ситуации вчера соопшти дека околу 100 илјади луѓе се блокирани во Беит Лахија, Беит Ханун и бегалскиот камп „Џабалија“, без медицински и прехранбени резерви, откако израелски тенкови навлегле длабоко во овие населби во северниот дел на Газа.
