Државниот санитарен и здравствен инспекторат, при вонредниот надзор на Клиниката за нефрологија, не утврдил никакви прекршувања во однос на информацијата дека наводно се препродавале медицинските ракавици наменети за оваа клиника, соопшти денеска претседателката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова-Бухова.
„ДСЗИ веднаш истиот ден излезе на терен и направи вонреден инспекциски надзор на Клиниката за нефрологија. Од областа на законите кои ги инспекторира, ДСЗИ нема никакви забелешки“, истакна Сотирова- Бухова на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Во моментот кога инспекторите дошле на Клиниката, директорката веќе формирала пописна комисија и бил во тек вонреден попис на сите средства за лична заштита и од донации и од Министерството за здравство.
Во врска со овој случај, како што посочи Сотирова-Бухова, веќе е во тек и постапка од секторот во МВР, кој ќе продолжи и до крај ќе ја спроведе истрагата.
Слободен печат на 5 мај објави сторија дека лице со прекар Баце по маркети нудел на продажба заштитни ракавици на кои имало налепница дека се за Клиниката за нефрологија.

Од Клиниката за весникот изјавиле дека ќе направат проверка, а во тоа ќе биде вклучена и полицијата.
По ова, од ДСЗИ најавија дека веднаш ќе спроведат вонреден инспекциски надзор.
