Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе спроведен вонреден надзор на Клиниката за нефрологија откако денеска на прес-конференцијата на Инспекцискиот совет ја прашаа директорката Иринка Сотирова-Бухова дали се запознаени со информацијата дека наводно се препродавале заштитни ракавици од оваа клиника.
„Прв пат слушам за препродавање на ракавици. Инспекторатот веднаш ќе направи вонреден инспекциски надзор за проверка“,
рече Бухова.
Слободен печат денеска објави сторија дека лице со прекар „Баце“ по маркети нудел на продажба заштитни ракавици на кои имало налепница дека се за Клиниката за нефрологија.
Од Клиниката за весникот изјавиле дека ќе направат проверка, а во тоа ќе биде вклучена и полицијата.
Бухова информира дека ДСЗИ од почетокот на вонредната состојба спровел над 700 надзори и продолжува со контролите по веќе доставени решенија. Во периодот од 27 април до 3 мај овој Инспекторат спровел контроли во повеќе објекти, како и во јавни и приватни здравствени установи и старечки домови за да се утврди како се постапува при прием и давање услуги на пациенти и дали здравствените работници се заштитени.