Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, зборуваше една недела откако лидерот на Кремљ во циничен коментар рече дека ја претпочита Харис наместо Трамп, по што Белата куќа нагласи дека Путин треба да престане да ги коментира претстојните избори во ноември
На Кремљ не му се допаднал начинот на кој името на рускиот претседател Владимир Путин се користело во дебатата меѓу претседателските кандидати на САД, Камала Харис и Доналд Трамп, и истовремено ги повика да престанат да го вовлекуваат во нивната политичка борба.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, зборуваше една недела откако лидерот на Кремљ во циничен коментар рече дека ја претпочита Харис наместо Трамп, по што Белата куќа нагласи дека Путин треба да престане да ги коментира претстојните избори во ноември.
Песков им рече на новинарите дека Кремљ не ја следел дебатата во вторникот вечерта, но ги следел вестите за неа.
„Секако, забележавме дека и двајцата кандидати го спомнаа нашиот претседател, ја споменаа нашата земја. Се разбира, ставот е сосема јасен – САД во целина, без разлика од која партија е кандидатот, задржуваат негативен став, непријателски однос кон нашата земја. Името на Путин се користи како еден од инструментите во внатрешната политичка борба во САД. Навистина, навистина не ни се допаѓа тоа и се надеваме дека ќе го остават името на нашиот претседател на мир,
рече Песков.
Тој ги отфрли извештаите дека Иран ѝ испорачувал ракети на Русија оценувајќи дека тврдењата за различни трансфери на оружје се неосновани.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека Русија добила балистички ракети од Иран и најверојатно ќе ги употреби во Украина во рок од неколку недели, предупредувајќи дека соработката меѓу Москва и Техеран ја загрозува европската безбедност.
Техеран ги нарече тврдењата на САД „грда пропаганда“.
Блинкен заедно со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами денеска ќе го посетат Киев, каде што ќе се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски и други официјални лица.