Претходно, американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Русија добила балистички ракети од Иран и дека најверојатно ќе ги користи во Украина во блиска иднина
Владите на Франција, Германија и Велика Британија најостро го осудуваат Иран за испорака на балистички ракети на Русија и заедно ќе работат на воведување санкции против „Иран ер“, потврди денеска германското Министерство за надворешни работи.
„Тој чин претставува ескалација и на руската и на иранската страна и затоа претставува директна закана за европската безбедност“,
се вели во заедничката изјава на трите земји објавена од германското министерство.
Трите земји ќе преземат итни чекори кон суспензија на билатералните договори со Иран за услугите за воздушен транспорт, се додава во соопштението. Од Иран се бара веднаш да ја прекине сета помош за Русија во војната со Украина.
Претходно, американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Русија добила балистички ракети од Иран и дека најверојатно ќе ги користи во Украина во блиска иднина.
За време на неговата посета на Лондон, Блинкен потврди дека САД, исто така, ќе воведат нови санкции кон Иран кои се однесуваат и на „Иран ер“.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател во вторникот се осврна на проблемот со балистичките ракети што Иран ѝ ги испорачува на Русија и рече дека Западот ќе мора да одговори со тоа што ќе му дозволи на Киев да гаѓа цели длабоко на руска територија.
Андриј Јармак ги нарече „позитивен чекор“ санкциите што трите земји ги најавија против Иран, но порача дека тоа не е доволно.
„Потребна ни е дозвола да го користиме западното оружје против воени цели на руска територија, односно ни требаат ракети со долг дострел и зајакнување на системот за воздушна одбрана“,
напиша Јермак на социјалната мрежа Икс.