Мицкоски потврди дека на 19 септември ќе отпатува на состанок во Брисел и дека таму ќе биде соопштен владиниот предлог за кој веќе јавно се зборува, односно за одложена примена на уставните измени. Мицкоски рече дека тие нема да влезат наивно во какви било процеси и отстапки, без притоа да има јасен план и гаранција
Да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес, порача вечерва во интервју за телевизија Алсат-М, премиерот Христијан Мицкоски. Според него, не е прашање дали граѓаните или политичарите имаат волја за уставни измени, туку дали во Брисел има волја да се реши ова прашање.
„Не станува збор тука за волја… Граѓаните, политичките партии многу пати покажаа волја. Прашањето е дали во Брисел има волја да се реши овој проблем, затоа што ако има волја во Брисел, има и начин. Евроинтегративниот процес е двонасочна улица. Евроинтегративниот процес не е само танц на еден, не е ова соло танц, ние мораме да имаме двонасочна улица, мора да имаме танц во којшто играат двајца. Вистинската адреса е попатна Софија, а директна Брисел. Треба да знаеме што е тоа што тие го планираат со Македонија. Ние имаме целосно изедначена надворешна политика со ЕУ, безбедносна политика, континуирано ги следиме процесите кои ги води ЕУ, но за жал изминативе две и пол децении изобилува со многу предизвици и тие предизвици се вештачки. Секогаш тие предизвици удираа и задираат на македонскиот идентитет. Во минатото правени се отстапки на сметка на македонскиот идентитет. И во таа насока, јас апелирам да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес“,
рече Мицкоски.
Според него, жалосно е што некои од земјите членки се обидуваат билатералните проблеми да ги внесат во евроинтегративниот процес.
Мицкоски потврди дека на 19 септември ќе отпатува на состанок во Брисел и дека таму ќе биде соопштен владиниот предлог за кој веќе јавно се зборува, односно за одложена примена на уставните измени. Мицкоски рече дека тие нема да влезат наивно во какви било процеси и отстапки, без притоа да има јасен план и гаранција.
„А тој јасен план и јасна гаранција мора да бидат потврда којашто ќе се темели на јасна порака и на јасни постигнувања. Не можеме веќе да влегуваме во процеси без да имаме предвидлива завршница и затоа ние сме конструктивен партнер во процесот и велиме ајде заедно да седнеме со владата во Софија и да разговараме и да видиме, имаме ние предлог. Тој предлог ние јасно го зборуваме, тој предлог не е од сега. Логичен е предлогот за одложена примена, да ги завршиме преговорите, па да видиме тогаш што ќе правиме, како ќе правиме, да видиме што со пресудите од Стразбур за македонската заедница од Бугарија, да видиме што конечно со идентитетот македонски и јазикот итн., затоа што ако ги погледате поглавјате 34 и 35 ги нема… Имаме многу прашања за кои треба да се дискутира. Ние сме подготвени, сакаме да дискутираме и да најдеме решение“,
изјави премиерот.
