Фотелја во власта добива и Павле Трајанов. Претседателот на Демократскиот сојуз, партијата која лани ја напушти коалицијата со СДСМ и на овие избори настапи како партнер на ВМРО-ДПМНЕ во коалицијата „Твоја Македонија“, од први август станува национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам
Според неофицијални информации, на денешната владина седница биле донесени низа одлуки од кадровски карактер. Две позиции во владината номенклатура добива коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, Глас за Македонија, а по една е наменета за Демократскиот сојуз и за Движењето Беса.
Како што објави ТВ 21 , претседателката на политичката партија Глас за Македонија, Солза Грчева, според мислењето на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски е кадровското решение кое ќе игра клучна улога во преустројувањето на високото образование. Таа е именувана на позицијата национален координатор за реформи на високото образование. Грчева беше пратеничка од редовите на СДСМ во мандатот 2014-2016 година. Во тој период поради несогласување со политиките на партијата ја напушти пратеничката група и дејствуваше како независна пратеничка. По формирањето на партијата Глас за Македонија станува нејзин предводник. На парламентарните избори во 2020 доживеаја дебакл освојувајќи само 2 802 гласа на територијата на целата држава. Интересен е податокот дека нејзинот син Андреј Зографски е политички активен во Бугарија. Како кандидат на колацијата Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија лани беше избран за советник во Градското собрание на Софија.
Од истата партија е и Наташа Котлар. За неа, како еден од оснивачите на Глас за Македонија, како што пренесе ТВ 21, е определена функцијата в.д. директор на Државниот архив. Таа доаѓа на местото на Христа Најденов, кој на денешната владина седница бил разрешен. Котлар на последните локални избори не успеа да стане градоначалничка на Општина Центар. Беше кандидатка поддржана од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Таа е редовен професор во Институтот за национална историја, а Грчева е доктор по компјутерски науки.
Фотелја во власта добива и Павле Трајанов. Претседателот на Демократскиот сојуз, партијата која лани ја напушти коалицијата со СДСМ и на овие избори настапи како партнер на ВМРО-ДПМНЕ во коалицијата „Твоја Македонија“, од први август станува национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.
Движењето Беса добива позиција на која досега беше кадар на ДУИ. Наместо Тахир Хани, кој е разрешен од должноста, нов заменик-генерален секретар на Владата на Мицкоски ќе биде Хасим Муртезани.