Инаку, бугарските медиуми и дел политичари уште во кампањата прашуваа како син на поранешна пратеничка која ја води македонската партија „Глас за народот“ и има антибугарски ставови, успеал да влезе во бугарската политика
Бугарската државна изборна комисија ги објави резултатите од локалните избори и според нив во советот на Софија влегува и Андреј Зографски, како предлог на политичката коалиција „Промените продолжуваат – Демократска Бугарија“.
Зографски е син на Солза Грчева, претседателка на партијата Глас за Македонија. Тој во следните четири години ќе биде советник во градското собрание на Софија. Во Бугарија на изборите се гласа на отворени листи, а Зографски беше дел од листата на владејачката „Промените продолжуваат – Демократска Бугарија“ под реден број 108.
Граѓаните на Софија, сепак, во доволен број го дале својот глас за тој да се најде во избраните 23 општински советници на коалицијата.
Оваа коалиција освои најмногу советнички места (23) во Советот на градот, ГЕРБ освои 14 советници, БСП (9), Преродба (Има таков народ и Сина Бугарија освоија по три советници и еден општински советник освои ВМРО-БНД).
Инаку, бугарските медиуми и дел политичари уште во кампањата прашуваа како син на поранешна пратеничка која ја води македонската партија „Глас за народот“ и има антибугарски ставови, успеал да влезе во бугарската политика.
На веб-страницата на „Промените продолжуваат – Демократска Бугарија“ ја пишува неговата биографија, во која е наведено дека повеќе од 10 години се занимава со проблемите на неговиот сакан град Софија.
„Работи во областа на финансискиот менаџмент во компании во Словенија и Бугарија. Како еден од креаторите на „Спасете ја Софија“, повеќе од 10 години секојдневно се занимава со проблемите на неговиот сакан град Софија. Се бори да го направи градот подобро место за живеење за сите, без разлика на возраста и дали живеат во центарот или периферијата. Тој силно верува дека градот им припаѓа на сите подеднакво и затоа инвестирањето во населбите го гледа како врвен приоритет“, пишува на страницата на коалицијата.