Голем број скопјани ги искористија денешниот сончев ден и скратениот полициски час за време на викенд за прошетка низ Градскиот парк.

Освен што таму денес имаше многу посетители, паѓа во очи дека не сите и само делумно ги почитуваат мерките и препораките на Владата и на здравствените власти за зашптита од коронавирусот и за социјална и физичка дистанца.

Собирање во поголеми групи од двајца, неодржување дистанца од два метри и не носење маска и друга заштитна опрема се сликите што можеа да се забележат денеска во Градскиот парк.
Во меѓувреме Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство и препорачаа на Владата да не ги олеснува досегашните мерки за спречување на ширење на коронавирусот, односно да останат досегашните протоколи, откако денеска повторно е забележан скок на бројката на новозаразени, како и поголема бројка на нови случаи отколку на оздравени.
Нови препораки до Владата за евентуално олабавување на мерките од Комисијата за заразни болести најавија за понеделник, откако ќе се види трендот на заразата во следните два дена.
Од вкупно 36 нови случаи во последните 24 часа, дури 11 се во Тетово, од каде што вицепремиерот Бујар Османи испрати порака до граѓаните да не се опуштаат и да немаат лажна самоувереност поради спласнувањето на заразата во периодот по 15 април.
