Заменик-министерот за здравство Арменд Арсални порача дека, иако има поголем број нови заболени во Тетовско, нема простор за паника поради ниската инциденца
Петнаесет нови позитивни тестови на ковид-19 во тетовскиот регион денеска беа причина за итна координација на претставниците на Владата и здравствените институции во тетовската клиничка болница.
Вицепремиерот Бујар Османи, како главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа, посочи дека има 11 нови заразени и четири лица на кои вторпат тестот им е позитивен.
„Очигледно, и покрај тоа што генералниот впечаток е дека состојбата е под конторла и дека трендот е во опаѓање денеска, сепак, констатиравме слабости и во делот на почитување на индивидуалните мерки од страна на граѓаните и во комуникацијата со матични лекари. Направивме план кој ќе биде презентиран пред Кризниот штаб на Владата со цел да го подобриме менаџирањето. Апелирам до граѓаните да ги почитуваат мерките, бидејќи спласнувањето на епидемијата на ниво на државата може да создаде лажна самодоверба дека ја поминавме кризата, да се опуштиме предвреме и наместо, за кратко време навистина да ја пребродиме оваа состојба, може да ни се врати поради таа лажна самодоверба дека завршивме работа“,
истакна Османи.
Заменик-министерот за здравство, Арменд Арсални, порача дека, иако има поголем број нови заболени во Тетовско, нема простор за паника поради ниската инциденца.
„Во однос на другите градови инциденцата е најголема во Куманово со 281 и Дебар 183, па следуваат Велес и Прилеп. Над 50 имаме инциденца во Скопје во Струга, Штип и во Кочани. Се уште Тетово не е со висока инциеднца што е добар податок. Кривата оди паралелно и линаерано во Тетово“,
рече Арслани.
Според него, сите ресурси кои се ставени на располагање за справување со болеста функционираат и доказ за тоа се бројките.
„Имаме 68,7 проценти оздравени од вкупно заразени што е една оптимистичка бројка. Оптимистички од овој аспект се и високите температури, но вирусот и во летниот период нема да се елиминира. Останува да бидеме претпазливи и со практикување на заштита со миење раце, дистанца и слично. Само така луѓето ќе им помогнат на здравствените работници“,
рече Арслани.
Од 11 нови заразени, шест се во Камењане и Палчиште, три во Брвеница и по еден во Требош и во Тетово. Вкупно во тетовскиот регион досега има 107 евидентирани заразени, како и осум смртни случаи.