Во однос на биографиите и несоодветно образование, Тренчевска рече дека доктор на науки по кинезиологија наместо за МВР би бил подобар за спорт, а во овој ресор, пак, инженерот за информатика, како што посочи, би бил посоодветен за ресорот дигитална трансформација
Со 76 гласа „за“, 16 „против“ и без воздржани Собранието вечерва во рамки на 11 седница ги избра замениците-министри во Владата.
Како што претходно објавивме, Зоран Димитровски од Демократскиот сојуз, кој е поранешен новинар, од заменик во локална самоуправа, сега е избран за заменик во Министерството за надворешни работи. Долгогодишната пратеничка Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ е заменичка во Министерството за животна средина.
Кога Владата пред една недела ги објави предлозите за заменик-министри, најголемо внимание во јавноста предизвика кандидатот за заменик-министерот во МВР, Астрит Исеини, кој е професор по физичко. Каква врска има физичкото образование, кинезиологијата со полицијата и внатрешните работи, прашаа тогаш од СДСМ и го обвинија премиерот Христијан Мицкоски за кадровски дебакл.
Критики за предложените заменик-министри од страна на опозицијата имаше и на денешната собраниска седница. Пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ рече дека за да се задоволат партиските интереси, се занемаруваат интересите на граѓаните и оцени дека е тажно на кое ниво е спуштена оваа функција.
„Со фенер да ги баравте, понеспособни кандидати немаше да најдете. Какви министри, такви заменици – првите катастрофа, а вторите уште поголема. Чест на исклучоците, само на неколку им е местото да бидат заменик-министри. Наместо 16, сега имаме 20, а цело време зборувавте за намалување на функционерите. Сега имаме 25 проценти повеќе министри и заменици во Владата. Нема да сработат ништо, но битно е дека вдомувате послушници. Барем да предложевте соодветни, со искуство во областа за која се именувани, експерти што ќе придонесат во креирањето политики. Не е битен квалитетот туку да се задоволи коалицијата“,
рече Тренчевска.
Во однос на биографиите и несоодветно образование, таа рече дека доктор на науки по кинезиологија наместо за МВР би бил подобар за спорт, а во овој ресор, пак, инженерот за информатика, како што посочи, би бил посоодветен за ресорот дигитална трансформација.
Пратениците на ЗНАМ оценија дека за заменик-министри се предложени стручни луѓе на кои треба да им се остави време и простор за да покажат што можат да направат.
„Предложените се дел од тим кој ќе работи на исполнување на ветената владина програма. Сите се профили кои зад себе имаат професионална реализација, но и со научни титули, не се политички презреани, ниту морално опаднати, не е пресудна дипломата туку стручноста, да оставиме време и простор да ни покажат што ќе направат. Има време за критики“,
рече Даниела Белимова од ЗНАМ.
Сали Мурати од Движење на Турците, кое е дел од „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, укажа дека е дискриминација тоа што ниту еден припадник на турската етничка заедница не е именуван зa министер или за заменик-министер. Според него, прекршен е Уставот кој гарантира еднаквост на граѓаните и е прекршена правичната застапеност во јавните институции.
Блерим Беџети од ДУИ, обраќајки му се на премиерот Христијан Мицкоски, му порача дека раководи влада без етничка легитимност и нагласи дека треба да се почитуваат законите бидејќи „спротивното читање на Охридскиот договор ќе отвори дебати“.
На тоа реплицираше Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ кој му порача на пратеникот на ДУИ дека „вакво плачење по власт и за власт е незапаметено и дегутантно“ и дека срамно е ДУИ да се поистоветува со Албанците во Македонија.
Пред гласањето се обрати премиерот Мицкоски кој порача дека Владата и нејзините членови – министри и заменици ќе работат за сите граѓани без разлика на нивната припадност.
„Ја прифаќам секоја реченица што ја искажавте како опозиција. Ви благодарам за критиките и за оние за кои имаше содржина ќе се обидам како претседател на Владата да извлечам поука и да се обидам да не ги правам грешките што вие ги правевте во минатото, затоа што граѓаните ни дадоа доверба, повеќе од 600 000 граѓани ни дадоа легитимитет да ја водиме Македонија“,
рече Мицкоски.