Командирот на неготинската противпожарна бригада Столе Атанасов им се заблагодари на сите кои се вклучија во гасењето на пожарот кај Серта, оценувајќи дека без нив борбата со огнените јазици би била невозможна
Пожарот кај планината Серта, кој избувна на десетти овој месец и беше активен 13 дена, е целосно изгаснат, објави попладнево командирот на неготинската противпожарна бригада Столе Атанасов.

Тој во објава на својот фејсбук-профил им се заблагодари на сите доброволци, на локалното население, на сите доброволни друштва, како и на државните, регионалните и локалните инситуции кои се вклучија во гасењето на пожарот кај Серта, оценувајќи дека без нив борбата со огнените јазици би била невозможна.
„Ризиците од голема еколошка катастрофа не беа единствени, секој момент додека траеше акцијата беа загрозени безбедноста и здравјето на секој вклучен поединец. Со гордост истакнувам дека успеавме ниту еден од граѓаните вклучени во акцијата да не настрада со посериозни повреди. Покажавме дека само сплотени може да се справиме со сите предизвици“,
пишува командирот на ТППЕ Неготино во објавата на Фејсбук.
Атанасов упати и апел за внимателност и одговорност до граѓаните за да не дојде до повторни пожари, а со тоа и до опасност по животите на луѓето, нивните имоти и уништување на постоечките екосистеми.