По извршена обдукција од страна на Факултет за ветеринарство било утврдено дека причина за угинувањето на кучето е угушување, предизвикано од топлотен удар

Полициски службеник кој работел како водич на службено куче доби кривична пријава под сомнение дека сторил кривично дело убивање и мачење животни.
Полицискиот службеник Д. М., како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 12 јуни, во периодот од 10 до 12:30 часот, во скопски Центар, го оставил службеното куче од расата „белгиски овчар“ во боксот за транспорт во службеното возило.
„Пријавениот по завршување на работните задачи со службеното куче, согласно наредба за вршење на служба, во задниот дел од службеното возило ’дачија’, во боксот за транспорт го сместил службеното куче, раса белгиски овчар, го паркирал возилото со исклучени мотор и клима, а вклучена вентилација и го напуштил возилото на час и половина. Откако се вратил назад, забележал дека кучето било во лоша здравствена состојба, по што се упатил во ветеринарна станица, каде било констатирано дека кучето веќе угинало“,
се вели во соопштението од МВР.
По извршена обдукција од страна на Факултетот за ветеринарство, било утврдено дека причина за угинувањето на кучето е угушување, предизвикано од топлотен удар.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, додаваат од МВР, согласно своите надлежности и овластувања, против полицискиот службеник Д. М. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска и на материјална одговорност.