Амбасадорите, како што информираат од Владата, изразиле подготвеност за натамошна соработка и помош во реализација на реформските процеси
Поддршка за процесот на евроинтеграција на С Македонија и подговеност за натамошна соработка и помош во реализација на реформите денеска изразиле амбасадорите на земјите членки на Европската Унија на средбата која ја одржале со премиерот Христијан Мицкоски во Владата.

На средбата со амбасадорите, како што информираат од владината прес-служба, Мицкоски разговарал за актуелната политичка состојба во државата, но и за нејзиниот напредок на патот кон евроинтеграцијата.
„Премиерот Мицкоски ги информираше амбасадорите за заложбите на Владата за спроведување на клучни реформи во правосудството, борбата против корупцијата, економскиот раст и инвестициите кои треба да ја приближат нашата земја до европските стандарди“,
стои во владиното соопштение за средбата на Мицкоски.
Соговорниците се согласиле за натамошно интензивирање на соработката и јакнење на билатералните односи во различни области од заемен интерес.