Јас сум за кој може да биде работно ангажиран, да работи, меѓутоа, тие треба фиксно да си седат на работното место. Дел од нив седеле, дел од нив не седат. Ќе сфатат дека не може така, како и Катица Јанева, вели Пандов
Не е само Катица Јанева, одземени се дозволи за работа и на други затвореници кои не биле затекнати на работните места. Вака в.д. директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, денеска на новинарско прашање „го оправда“ потегот со одземањето на работната дозвола на поранешната специјална јавна обвинителка, која не била затекната во адвокатската канцеларија на својот син.
Пандов уверува дека добил анонимна пријава оти Јанева не оди на работа.
„За Катица Јанева ве уверувам дека имав анонимна дојава дека не е на работното место. Јас по службена должност бев обврзан да пратам службени лица да проверат дали е тоа така и тие констатираа дека не била на работното место“,
вели Пандов.
Сепак, останатите три работни дозволи што ги одзела Управата откако Пандов е назначен за в.д. директор, се случиле по проверката на Јанева.
Изминатава недела службеници од Управата извршиле контроли на повеќе места во Скопје, Тетово и во Гостивар. Од десетина проверени лица, најдени се уште три кои требало да бидат на одредено работно место, а не биле. И ним ќе им бидат одземени работните дозволи, вели Пандов.
„Ќе се прават проверки за и во тој дел да се стави ред. Јас сум за кој може да биде работно ангажиран, да работи, меѓутоа тие треба фиксно да си седат на работното место. Дел од нив седеле, дел од нив не седат. Ќе сфатат дека не може така, како и Катица Јанева“,
додава тој.
На новинарско прашање дали дозволата за работа на Јанева ѝ е одземена трајно, Пандов вели дека таа може повторно да побара да работи.
„Има право повторно да побара. Нека побара“,
кажа тој.
Во однос на Бојан Јовановски (Боки 13), кој исто така е на слобода, Пандов кажа дека тој осуденик има добиено условен прекин на затворската казна со одлука на суд, поради здравствени причини.