Трите повредени лица, пак, кои учествувале во сообраќајката, се државјани на Словенија
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потврди дека вчера попладне во сообраќајка во Србија загинал македонски државјанин. Трите повредени лица, пак, се државјани на Словенија.
„Вчера во попладневните часови во близина на населеното место Палојце се случила сообраќајна незгода во која животот го загубило едно лице, додека три лица се повредени. Согласно информациите од Амбасадата на РСМ во Белград, лицето кое го загубило животот е државјанин на Република Северна Македонија, додека повредените лица се државјани на Република Словенија“,
информираат попладнево од македонското МНР.
Оттаму додаваат оти македонската амбасада во Белград е во постојана комуникација со надлежните служби во Србија и оти за сите дополнителни информации јавноста ќе биде навремено информирана.
Претходно денеска српските медиуми пренесоа дека во тешка сообраќајна несреќа на семејство од С Македонија едно лице загина, а четири други, меѓу кои и две деца, се повредени.