Повредени се четири лица, меѓу кои две деца на возраст од четири и две години
Една жена загина, а четири лица меѓу кои и две деца, се повредени во тешка сообраќајна несреќа која се случи вчера кај Предејане, Србија. Српските медиуми пренесуваат дека станува збор за семејство од Северна Македонија кое се враќало од Словенија, каде што биле на одмор. Децата се на возраст од две и четири години, а според првичните информации од болницата во Лесковац, едно од децата е со посериозна повреда.
„Возачот на автомобилот не е тешко повреден, освен што е во шок и конфузија. Едното дете е на дијагностика поради сомневање за скршена бутна коска, додека другото е без тешки повреди“,
пренесува Н1.

Несреќата, според очевидци, се случила откако возачот изгубил контрола над возилото и удрил во заштитната ограда.
Со возилото управувал 28-годишниот И. А., а во несреќата загинала сопругата на возачот, која се наоѓала на совозачкото седиште. Покрај него, повредени се нивните две деца и една постара жена.