По обидот за убиство на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, на јавноста ѝ се обрати актуелниот претседател Џо Бајден. Остро го осуди нападот и побара од Американците да се обединат

Американскиот претседател Џо Бајден ѝ се обрати на нацијата со последните информации за случајот со обидот за убиство на поранешниот претседател Доналд Трамп, но не сакаше да одговори на новинарските прашања, пренесе дневник.хр.
Благодарен сум што Трамп е добро и закрепнува, го почна својот говор Бајден додавајќи дека синоќа разговарал со Трамп. Потоа тој најостро го осуди нападот.
„Во Америка нема место за вакво насилство, ниту за какво било насилство. Обидот за атентат е против сето она за кое се залагаме како нација. Тоа не е Америка и не можеме да дозволиме тоа да се случи. Единството е најтешката цел на сите, но ништо не е поважно од тоа“,
рече тој.
Тој не коментираше за мотивите на атентаторот или за тоа дали дејствувал сам.
„Сè уште немаме информации за мотивот на атентаторот. Знаеме кој е тој. Ги повикувам сите – ве молам немојте да правите претпоставки за неговите мотиви или врски“,
рече Бајден.
Бајден посочи дека ФБИ веќе работи на расчитување на случајот.
„Му наредив на ФБИ да ја спроведе оваа истрага темелно и брзо, а истражителите ќе ги имаат сите ресурси што им се потребни за да го направат тоа. Трамп, како поранешен претседател и кандидат на Републиканската партија, веќе доби зголемено ниво на безбедност и јас бев доследен на моите инструкции до Тајната служба да му ги дадам сите ресурси, способности и заштитни мерки неопходни за да се обезбеди неговата континуирана безбедност“,
рече Бајден.
Бајден рече дека наредил преиспитување на безбедносните мерки за републиканската национална конвенција во понеделник и дека започнал независна национална безбедносна истрага за вчерашниот настан.
„Ќе ги споделиме резултатите од тој независен преглед со американскиот народ, а дотогаш мора да се здружиме како нација“, рече Бајден и си замина без да одговори на прашањата на новинарите.