Од МВР велат дека струшката полиција и тамошното ОЈО преземаат мерки за идентификација на евентуалните организатори за кои ќе следуваат пријави
ОВР Струга, во координација на надлежното ОЈО, презема мерки за идентификување на евентуалните организатори на вчерашната литија што од 15 до 18.30 часот се одржа во Струга, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави, соопшти попладнево МВР.
Притоа се наведува дека една од првите задачи за идентификација на организаторите на овој, како што се наведува, непредвидено и ненајавено приклучување на групи верници, ќе биде средба со надлежните во црквата „Свети Ѓорѓија“.
Во соопштението од МВР се истакнува дека “ОВР Струга согласно предвидените безбедносни протоколи ги презело сите неопходни безбедносни мерки во согласност со владините мерки и протоколи за заштита на населението од ковид-19”.
Според информациите од МВР, на 04.05.2020 година, началникот на ОВР Струга, заедно со други претставници од полициската станица, прво одржал работен состанок со старешината на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга, на која на старешината му било нагласено дека е потребно доследно и дисциплинирано придржување до сетот мерки и препораки на здравствените органи и владините мерки за заштита од зараза и при вршење на верските служби и други активности за време на литијата, црковните и другите лица, строго да се придржуваат до одредбите за држење прописно растојание.
Старешината на црквата, пак, најавил дека навреме ќе информира за сите планирани активности пред и за време на одржувањето на литијата и дека бил во постојан контакт со МПЦ-ОА.
Притоа, како што соопштуваат од МВР, тој рекол дека во согласност со превентивните мерки, литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на луѓе во текот на движењето.
ОВР Струга, врз основа на ова, изготвил оперативен план, според кој вчера било спроведено физичко покривање на поширокиот дел од црквата „Св. Ѓорѓи“ , во чиј двор, како што се наведува во соопштението, имало помала група верници со заштитни маски и на соодветно меѓусебно растојание.
Проблемот настанал кога на поворката почнале да се приклучуваат верници од, како што се наведува, споредните улици и дворови.
„Иако имаше обид на полициските службеници да се спречи нивно ефективно вклучување во поворката, на што наидоа од вербална реакција и негодување од граѓаните, таа појава не беше возможно целосно да се спречи со поригорозна полициска интервенција поради можноста од пожестока реакција на верниците и ескалација на ситуацијата“,
велат од МВР, при што се нагласува дека за разлика од лани кога на овој настан присуствувале 10 000 верници, вчера имало околу 300 лица.
*Поврзани вести
Пендаровски до МПЦ и ИВЗ: Очекувам повик за одговорно однесување на верниците
Обвинителството отвори предмет за вчерашната масовна литија во Струга
Влада: Бараме и очекуваме МПЦ и ИВЗ да не организираат собири
Спасовски: МВР и обвинителството да ги испитаат сите аспекти за литијата во Струга