Двете момчиња и двете девојчиња се донесени на Клиниката во бессознание, по што се преземени мерки за нивна реанимација. Од МВР го потврдија случајот и додадоа оти децата биле пронајдени во куќа во Скопје. Консумирале алкохол и психотропни супстанци
Четворица малолетници на возраст од 14 до 17 години попладнево во тешка здравствена состојба се хоспитализирани на Клиниката за токсикологија во Скопје. Информацијата за „360 степени“ ја потврди директорот на Клиниката, Андон Чибишев. Четворицата – две момчиња и две девојчиња – се донесени на Клиниката во бессознание, по што се преземени мерки за нивна реанимација.

„Во моментов две од нив се веќе стабилизирани, а другите две се во потешка состојба и се препратени на дополнителни испитувања и на рентген затоа што се донесени со повреди по телото. Колегите ја следат состојбата за да видиме за што точно се работи“,
вели Чибишев во изјава за „360 степени“.
Чибешев очекува во текот на утрешниот ден со јавноста да може да се споделат повеќе информации за случајот.
Министерството за внатрешни работи (МВР) го потврди случајот.
Во полицијата попладнево било пријавено нарушување на јавниот ред и мир по што четворица малолетници, од кои две во бессознание, како што велат од МВР, биле пронајдени во куќа на лице со иницијали Д.Г. (40).
„Денеска полициски службеници од СВР Скопје постапиле по пријава за нарушен јавен ред и мир и при тоа е утврдено дека во куќата на Д.Г. (40) имало четири малолетни лица, од кои две биле во безсознание и истите консумирале алкохол и психотропни супстанци. Лицата се пренесени на Клиниката за токсикологија“,
информираат од МВР.
Во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот.