Да потсетам, рече Филипче, партијата на Орбан е исфрлена од европското семејство ЕПП и сега таа партија од Унгарија соработува со партиите на радикалната десница. Рече оти стравува дека под диктат на Виктор Орбан такви политики ќе почне и Христијан Мицкоски да имплементира тука кај нас
Владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски успеа за многу кратко време да застрани од стратешките позиции на земјата, кои се градени со децении назад. Овој кредит, што очигледно е договорен во четири очи, кредит од 500 милиони евра од Унгарија, отвора многу прашања, а најважното од сите е тоа во која насока ќе се движи земјата во следниот период. Ова денеска за „Дојче веле“ го изјави лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) коментирајќи го заемот од половина милијарда евра за кој вчера премиерот Христијан Мицкоски рече дека го договорил со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, на маргините на НАТО-самитот во Вашингтон.

„Во ВМРО-ДПМНЕ многу брзо ја сменија плочата, истите тие луѓе кои цела година наназад критикуваа дека земјата е презадолжена, сега дополнително го оптоваруваат долгот со 500 милиони евра. Најинтересно од сè е дека очигледно преговарале за зголемување на долгот во истиот период додека критикуваа дека земјата е презадолжена. На површина излегува нивното лицемерство и очигледно е дека ги потценуваат граѓаните“,
вели тој.
Филипче вели дека од економски аспект овој кредит воопшто не е поволен оти владата на СДСМ во изминатиот период дала кредит кон стопанството од 150 милиони евра преку Европската банка за развој. Овој кредит, вели Филипче, бил со каматна стапка од само 1,6 отсто во споредба со оној од Унгарија кој се нуди со каматна стапка од над три проценти, но и со скриени трошоци, кои, според него, допрва ќе излезат на виделина.
„Во таа смисла не станува збор за некаков економски бенефит, туку за политичка одлука. И јас сум навистина загрижен дека станува збор за една форма на политичко заложништво кон Унгарија и директно кон Виктор Орбан. Очигледно тој сака да стане патрон на Христијан Мицкоски“,
рече лидерот на СДСМ.
Да потсетам, рече Филипче, партијата на Орбан е исфрлена од европското семејство ЕПП и сега таа партија од Унгарија соработува со партиите на радикалната десница. Вели оти стравува дека под диктат на Виктор Орбан такви политики и Христијан Мицкоски ќе почне да имплементира тука кај нас.
Вчера во видеообраќање од Вашингтон премиерот Мицкоски рече дека со Орбан се договориле унгарската влада да ѝ позајми 500 милиони евра на Владата во земјава со цел директна поддршка на домашната економија и реализација на капитални проекти во општините во државата.
За договорениот заем од 500 милиони евра што унгарската влада треба да ѝ го даде на С Македонија, Мицкоски рече дека министерствата за финансии во двете земји уште веднаш се задолжени за отпочнување на процесот.
Условите под кои ќе се случи позајмицата, како што рече Мицкоски во видеообраќањето од Вашингтон, е камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години.